Јана и Сара Андовски се близначките кои први се родија во Новата 2025 година, Велес вака на 1 јануари одамна се нема радувано (видео и фото)
Ова се Јана и Сара, втора и трета рожба на мајката Виолета Андовска. Двете девојчиња се првите новороденчиња во Велес, во 2025 година. Јана и Сара ги фотографиравме по 3,5 часа откако ја видоа светлината на денот. Јана е тешка 3кг и 320 грама и е долга 51 см, а Сара тежи 3,2 кг и е долга 49 см.
Двете девојчиња спиеја и беа мирни за време на престојот на Дума.мк во постоперативниот дел на Хирушки сали на Одделение за Гинекологија и Акушерство при велешка Општа болница. Нивната мајка, тиесетгодишната Виолета Андовска, беше таа којашто и покрај „слатките болки“ по оперативниот зафат „Царски рез“ сепак се радуваше и зборуваше.
Градоначалникот Марко Колев, во име на Општина Велес и Советот, ги посети двете девојчиња на кои им се радува годинава градот и цела општина, како и сите велешани кои одамна немаат доживеано новата година да ја започнат со вака убава вест: „Се родија близначки кои се први новороденчиња“. Градоначалникот Колев рече дека тој, граѓаните и општината се многу радосни и потенцираше дека сите се подготвени за да пречекаат и се радуваат на „тројка“ а зошто не и на „четворка.“
По врачувањето на подароците, меѓу кои беа двете штедни книшки со паричен износ од по 15.000 денари и двете Мечиња, што Јана и Сара ги добија од Општина Велес, во холот на Гинеколошко Акушерското одделение традиционално изјави дадоа градоначалникот Марко Колев, началничката на одделението д-р Силвија Богоевска, анестезиологот д-р Марина Леова и неонаталогот и педијатар д-р Андонова Панчевска. Исто така тука беа и среќниот татко Далибор Андовски како и 4,5 годишниот батко Давор, прво дете на среќните родители од село Сојаклари но и членот на Совет на Општина Велес, Димитар Абрашев којшто е вујко на Јана и на Сара.
Традиционалната посета на првото новороденче, годинава на двете девојчиња кои се родија во Велес, заврши со заедничка фотографија на гостите и здравствените работници на ЈЗУ Општа болница Велес. Откако д-р Богоевска соопшти дека во Велес, во 2024 година, се родија само 280 новороденчиња сега сите надежи се дека близначките двојно ќе го зголемат бројот на бебиња во 2025 година.