Јубилејна, 60 годишна средба на матурантите на велешка Гимназија „Кочо Рацин“

Матурантите на велешката Гимназија од генерацијата 1964/65 година, претпладнево, во училишниот двор го започнаа одбележувањето на 60 години од матурирањето. Најголем број од нив живеат во родниот Велес но дел пристигнаа на средбата и од други градови во државата. По првичните срдечни и другарски поздравувања се фотографираа и планираа да влезат и во училишната зграда во која поминаа четири години од својот живот и секако младост.
Не им се исполни желбата затоашто денеска нивните наследници, годинешните матуранти на велешка Гимназија, полагаа прв од двата екстерни испита од годинашната државна матура затоа се договорија посетата на нивната училница сепак да ја остават за следната средба. Денешната ја продолжија во претходно договорениот ресторан каде евоцираа спомени од младоста но и моменти од животот што до денешен ден ги прават среќни и радосни.
Матурантите кои пред шест децении матурираа во Гимназија Кочо Рацин во Велес се: Паскалина Ѓошевска Џевалекова, Васил Тоциновски, Маре Мечалова, Виолета Гочевска Шојлева, Маргарита Алчева, Стојанка Зафировска, Веска Николова, Пандора Ванова Милисављевиќ, Димче Милошев, Марга Алачова Узунова, Крсто Бојаџиев, Стеван Узунов, Стојанка Стојадиновиќ Лазова, Ѓоре Андов, Стојан Димовски, Мемедалија Алиовски и Магда Николчева.
Убавка Јаневска
