Кавадарци доби социјален план за полесен пристап до социјалните услуги
Полесно вклучување во заедницата на ранливите групи и искористување на услугите за нив, има за цел социјалниот план што денеска во усвои кавадаречкиот совет, а се однесува за период од 2021 до 2024 година.
Советниците дадоа едногласна поддршка, а градоначалникот Митко Јанчев посочи дека целта на социјалниот план е мапирање на социјалните проблеми на ранливите групи во општината, извршување на анализа на моменталните состојби и капацитети и расположливи социјални услуги и ги утврдување на специфичните потреби за развој на социјалните услуги во општина Кавадарци. Тој додаде дека овој социјален план ќе претставува основа при изготвување на годишните планови и програми за социјална, детска и здравствена заштита во општина Кавадарци.
„Општина Кавадарци активно работи за поддршка на социјално загрозените семејства. Во овој дел потребно е да се потенцира социјалната заштита која се остварува преку разни мерки, активности, услуги со цел да се заштити од ризици, превенција и надминување на социјалните проблеми кои се одразуваат на здравјето на граѓаните. Затоа се прават чекори со кои ќе се спречи социјалната исклученост, ќе се подобри квалитетот на животот и ќе се зголеми бројот на социјални услуги кои ги нуди општина Кавадарци. Во социјалниот план ќе бидат наведени идентификуваните социјални ризици на ранливите категории на граѓани кои се детектирани во општина Кавадарци, и нивните потреби“ рече Јанчев и информираше дека општината заедно со МТСП и со здружението на пензионери ќе се изгради дом за стари лица во парцела кај спомен паркот „Киро Крстев и Димче Мирчев“.
Тој дом би згрижувал педесетина лица.
Јанчев исто така посочи дека општината ќе реализира и проект за изградба на објект за згрижување на деца со посебни потреби, кој ќе обезбеди услови за лица од различни возрасти и потреби и проект за изградба на шест апартмани во кои би се згрижувале лица кои би биле на удар од елементарни непогоди.
Ангел Данов