Kaвадарци после 40 години доби нова градинка

Објавено на 27 декември, 2021 во 13:52

добредојде на министерката и градоначалникот им посакаа најмладите

После 40 години Кавадарци денеска доби нова детска градинка. Во објектот „Сонце“ кој ќе работи во склоп на детската градинка „Рада Поцева“ ќе се згрижуваат 142 деца во седум групи. Новата градинка е изградена и опремена по современи стандарди, а чини 57.4 милиони денари.

 На свеченото отворање денеска присуствуваа министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, градоначалникот Митко Јанчев и директорката на градинката Цанка Добринова. Во изминативе четири години, заедно со новиот објект,  капациетот на градинката е проширен за 380 места, со тоа Кавадарци нема повеќе проблем со капацитет за  згрижување на деца во градинка.

Министерката Шахпаска изрази задоволство што децата од оваа општина добиваат можност да посетуваат градинка која е изградена согласно најсовремените стандарди и овозможува квалитетен престој за децата од предучилишна возраст.

142 деца ќе се бидат распоредени во седум групи

„Децата од Кавадарци за првпат после 40 години, добиваат целосно нова детска градинка којашто целосно е финансирана од Министерството за труд и социјална политика, во склоп на Проектот за подобрување на социјалните услуги, поддржан од Светска банка, во вредност од 57.4 милиони денари. Таа е изградена согласно најсовремените стандарди за енергетска ефикасност и ќе користи и обновливи извори на енергија преку системот на сончеви колектори. Изминатиот период Владата и Министерството посветено работеа на остварување на социјалната реформа која всушност значи влог во човечкиот капитал, кој е најдолгорочната и најзначајната инвестиција на секоја Влада,“рече Шахпаска.

Според градоначалникот на Општина Кавадарци, Митко Јанчев овој проект е од големо значење за општина Кавадарци, бидејќи е реализиран според високите стандарди за ран детски развој и е една од најубавите и најсовремените градинки во земјата.

„Покрај големиот бенефит за дечињата, градинката ќе овозможи нови вработувања на воспитувачи и негуватели, односно цел персонал кој ќе се грижи за дечињата и за нивниот детски развој“, истакна Јанчев.

Aнгел Данов

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.