Си заминува циркусот “Сафари“, приказната за побегнатиот лав останува!
Голем број граѓани и вечерва го посетија циркусот “Сафари“. Се одржа последната претстава на гостувањето во Кавадарци.
Овој пат се помина во најдобар ред. Претставата почна со лавовите. Еден од трите синоќа побегна од кафезот и ја испаничи публиката, но вечрва сите беа послушни и ги следеа инструкциите на дресерот,за што беа наградуванисо парче месо. Кај публиката сепак постоеше доза на страв од можноста лавот повторно да побегне од сцената што не се случи. По успешно изведената точка лавовите добија силен аплауз од публиката и гордо си заминаа од сцената во кафезот.
И вечерва додека траеше претставата публиката постојано беше предупредувана од шоумените, на македонски и англиски јазик, да не ги фотографира животните бидејќи тие се вознемируваат од блицот на фотографскиот апарат. Но не сите посетители ги почитуваа овие препораки па така се случуваше да светне блицот на по некој фотографски апарат со што се стекна впечатокот дека постоеја граѓани кои посакаа да видат како во таква ситуација ќе се однесуваат лавовите. За среќа, тие вечерва беа скротени и послушни. Публиката посебно беше предупредена и за време на изведувањето на циркуската точка со слоновите. Фотоапаратите да престанат да фотографираат, бараа дересерите, бидејќи како што објаснуваа станувало збор за ризична точка во која можно било да настрада и дресерот и публиката ако слоновите се вознемират. Тоа сепак не се случи.
Публиката задоволна си замина од последната претстава, посебно радосни беа децата кои имаа ретка можност да видат, во живо, диви животни.
Унгарскиот циркус “Сафари“ ќе си замине од Кавадарци, но она што ќе остане да се раскажува е приказната за царот на животните кои ги преплаши кавадарчани кога се обиде да побегне од циркускиот шатор.