Кавадарчани, отворено проговорија за граѓанските приоритети!
Секој со свој став во Кавадарци, волентерите со надеж да склучат договори за работа, невработените поскоро да се вработат, политичките партии едни задоволни други не, но најважно сите со констатација дека во денешно време тешко се доаѓа до работно место.
На дебатата на Форум групата учествуваа млади луѓе, не постари од триесет години, имаше вработени и граѓани кои одамна чекаат на своето прво вработување, волонтери но и преставници на политички партии.
Сепак главната дискусија беше посветена на образовниот систем во државата. Се дискутираше за учениците и нивната идна професија како и за квалитетот кој го нуди наставниот кадар во образовниот процес во Македонија. Сите побараа постојан мониторинг над образованието, соопштија дека има бројни пропусти во дисперзираното студирање, отворено проговорија за несоодветниот кадар задолжен да образува млади луѓе и побараа внесување на нови, помодерни форми во наставните програми.
Форум групата во Кавадарци најави дека следната дебата ќе им ја посвети на овие две прашања: младинската невработеност и културата.
Инаку ова е проект што се реализира во Кавадарци и во уште седум градови во државата. Целта е граѓаните да ги сугерираат сопствените приоритети а политичарите да ги прифатат , внесат и бараат решенија. Носител на проектот за општина Кавадарци е невладината организација “Зона“.