Се реконструира и уредува спомен костурницата
Граѓаните кои и досега слободното време го поминуваа седејќи во градскиот парк пред спомен обележјето од НОБ, сега ќе имаат можност да уживаат во преуреден простор околу спомен костурницата. Споменик кој е симбол на непокорот на кавадарчани и жртвите положени во темелите на денешната слобода.
Овде ќе може да се помине слободното време не само преку ден, туку и навечер бидејќи костурницата е веќе осветлена.
Интензивно се работи на хортикултурно уредување на спомен костурницата која е сместена во највисокит дел од градскиот парк. Општината овие активности ги реализира како дел од програмата за одржување на спомен обележјата од нашето историско минато. Во моментов се реализира втората фаза од проектот за целосна ревитализација на ова значајно спомен обележје.
“Посеавме трева на површина од 1000м2, 6 садници хомоципурис и 10 чемпреси. Деновиве, со вкупно 40 садници на чемпреси ќе биде оформена влезна патека од скалите до споменикот со што просторот ќе добие сосема нов лик со амбиентално зеленило“ овјаснуваат од ЈП “Комунаец“ и додаваат дека интервенирале и на опожарениот дел во паркот во близина на костурницата. Овде веќе биле посадени нискостеблести растенија.
Во првата фаза од овој проект општината заврши со ниско напонската мрежа за осветлување. Поставени се 5 рефлектори на високи столбови, 13 ниски за партерно осветлување, 4 светилки за амбиентално светло на сцената зад споменикот со еколошки ЛЕД светилки.
Од локалната самоуправа информираат дека во третата фаза заедно Музеј-галеријата ќе се изврши целосна промена на искршените мермерни плочи со испишаните имиња на жртвите од фашистичкиот терор во Втората светска војна при што ќе се постават нови на кои ќе бидат испишани имињата на сите 333 загинати во НОБ.