Најавите за снег ги раздвижи службите во Кавадарци!
Кавадарчани можат да бидат спокојни ако од понеделник падне снег.
Од службата за зимско одржување на патишта велат биле подготвени за расчистување и одржување на патиштата и улиците. Претпријатието „Јами“ кое го има добиено тендерот им порача на граѓаните дека ќе имаат чисти улици, а снегот ќе се расчистува навреме. Сопственикот Митко Јанчев рече дека возилата кои ќе работат на расчистување се технички исправни и подготвени да дејствуваат,а купена е и нова машина, фреза која ќе се користи за расчистување на патот до селата кои се сместени во подножјето на Кожув. Тој нагласи дека оваа машина е ретка во Македонија, а од општините ја поседува само зимската служба на Кавадарци. Покрај возниот парк обезбедена е и потребната количина на индустриска сол и ризла.
“Согласно тендерската документација имаме обврска да ги одржуваме сите локални улици и патишта. Набавени се 50 тони индустриска сол, 100 м3 ризла. Спремни сме да му помогнеме и на Македонија пат во делот на расчистување на регионалните патишта во општината,“ рече Јанчев.
Дека ќе се внимава на безбедноста во сообраќајот ветување стигна и од полициското одделение за безбедност во патниот сообраќај. Од таму ветија дека ќе имаат координирани активности со зимската служба и локалната самоуправа. Од возачите побараа да покажат поголемо разбирање и да се придржуваат до сообраќајните правила и прописи во зимски услови особено кога улиците и патиштата се покриени со снег и мраз. Полицијата апелираше возачите да ја носат потребната зимска опрема во возилата во спротивно ќе се соочат со казни.
Инаку, зимската служба ќе ги расчистува улиците согласно утврдена динамика во зависност од приоритетот и значењето на сообраќајницте во градот. Прво ќе се обезбедува пристап до објекти од витално значење за општината и стопански објекти. Службата има обврска да расчистува 70 километри градски улици и 20 километри локални патишта.