Работници стопираа камиони и одземаа алатки за работа!
Вака се обидоа да го принудат газдата да имги даде петте заостанати плати.
Седумдесетина работници од фирмата “Гео идеја“ си ги бараат заостанатите плати и придонеси, за повеќе од пет месеци. Обвинија дека газдата не сака да се сретне со нив и да им го исплати тоа што чесно го заработиле. Работниците тврдат дека и кога примале плата, тоа се правело на рака, а не преку трансакциска сметка. Тие пресметале дека имаат за земање во просек по 1500 а некој и по 2000 евра. Дел од нив се заканија со кривична пријава иако се сомневаат дека и по судски пат тешко ќе си ги наплатат парите бидејќи газдата на фирмата не поседувал имот на негово име.
“На секој состанок газдата ни ветуваше дека ќе не исплати, но ниедно ветување не реализира. Се натрупаа неколку плати, ама и придонеси. Немаме сини картони и неможеме ниту да се лекуваме. За да извршиме притисок врз него ќе заплениме камиони кога ќе се спуштат од рудникот, “ рекоа револтирани работници.
Тие, кај последниот мост кон Ваташа, запреа еден камион на „Гео идеја“ од кои веќе друга група работници на блокадата пред нив ги одзела сите алати.
Работник, вработен како чувар во фирмата, рече дека веќе одзел еден џип за што ја известил и полицијата. Пријавил дека возилото ќе го врати штом му бидат исплатени сите плати.
Фирмата “Гео идеа“ била ангажирана од кавадаречки “Фени“ за ископ во рудникот Р`жаново. За работниците оптимизам влеа информацијата дека нивната фирма имала за наплата од Фени уште неколку илјади евра доволни да се покријат нивните плати и придонеси.