Расте бројот на заболени овци од „син јазик“
Прскањето против комарци кое беше извршено во саботата во кавадаречко не го даде очекуваниот ефект, бидејќи болеста „син јазик“ и понатаму продолжува да се шири.
Сега покрај во кавадаречките и неготинските села, болеста е пронајдена и во стада во росоманско. Таму за прв пат се бележат и случаи на „син јазик“ кај козите.
Од државниот ветеринарен инспектор, Спасе Донов дознаваме дека алармантна e состојбата кај стадата во селата Крњево, Куманичево и Бохула каде бројот на заболени овци е над 50% но може да се каже дека болеста син јазик ја има насекаде вклучувајќи ја тука целата висорамнина Витачево.
„Досега е евидентирана смртност на 400 овци. Точната бројка не може да се каже, бидејќи процентот на заболените овци во останатите стада од 30 се зголеми на 40%. Фармерите во паника секојдневно бараат помош од ветеринарните друштва во Кавадарци и Неготино. “ вели Донов и нагласува дека засега не се чуствуваат ефектите од прскањето против комарци, бидејќи инкубацијата на болеста е од 3 до 7 дена. /А.Д
