Радио водителот Душко Стефанов: „Секогаш плодовите се берат на крајот од приказната“
Цели 23 години работи во медиумите на промоција на својот роден град Кавадарци и културата во овој град. Душко Стефанов, во моментов радио водител во локалното радио „Галакси“ е еден од тројцата добитници на наградата „ 7 ми септември“,за ова година, признание што градот го доделува на заслужни граѓани кои го афирмираат градот во земјава и надвор.
Советот на општината одлучи тој да биде еден од наградените, а за него годинава е резервирано признанието за особен придонес во културата, по предлог на Домот на културата „Иван Мазов Климе“ и директорот на оваа установа, Владимир Темков.
„ За време на поднесувањето на апликациите не бев информиран. Ми беше мило кога ми кажаа дека сум во потесниот круг, но ми ја кажаа и процедурата како се доделува оваа награда поради и што бев рамнодушен. Но, кога ми се јавија од општината да ја подигнам наградата на седницата на 7 ми септември, ми беше мило. Мојата животна девиза е секогаш плодовите се берат на крајот од приказната. Морам да кажам дека не ми беше се едно, но, убаво е чувството да го добиете највисокото општинско признание, но тоа е и обврска за понатаму“ – вака Стефанов го опиша чувството откако дознал дека е еден од годинашните добитници на наградата.
Вели дека од 1991 година е активно вклучен во сите културни случувања во градот, но и достојно ги презентирал настаните преку медиумите во кои досега во изминативе 23 години работел.
„Од 1990 до оваа 2014 година немам пауза во медиумите и во промоција на културата. Тогаш немаше приватни телевииизии, беше друга држава, друг систем. Занаетот го „печев“ во Скопје, а љубовта ја добив во тогашното радио Кавадарци. За во месец јуни 1991 првиот работен ден да го имам во КТВ и да бидам прв лик кој се појавил на локалните тв станици. Работев во стие локални телевизии, а сега цели 18 години сум уредник и автор на најдолгото парче на радио до сега. Тоа е двочасовното, дневно радио парче „ Досие“, кое пред една недела направи 18 години постоење. Емисијата е личен мој труд и благодарение на тимот во Радио Галакси, емисијата е таква каква што е. Тоа е лична карта на Кавадарци. Во неа поминаа многу значајни ликови за градот. Во неа спојуваме се што е добро или лошо и се што е сиво сакаме да го обоиме во розово. Колку ни успева тоа, можат да го кажат и слушателите“ вели Стефанов.
Тој смета дека Кавадарци е расадник на многу таленти, град кој што има многу свои амбасадори во земјава и странство. Како еден од наградените не сакаше сега да ја пренесе пораката до своите сограѓани, рече дека тоа ќе го стори на свечената седница на советот која ќе се оджи во недела на 7 ми септември, кога градот ќе одбележи 70 години од ослободувањето./А.Д
