Во пресрет на Свети Трифун се дегустираат и оценуваат вина и ракии во Кавадарци
Стотина мостри на вино и ракија од индивидуални производители учествуваат во натрпеварот по повод Свети Трифун во Кавадарци, кој го организира здружението „Винотек“. Организаторот е задоволен од големиот интерес. Претседателот на стручната комија, која го врши оценувањето, професорот Михаил Петков, вели дека е потребна се уште едукација на производителите на вино, за да произведат вина со врвен квалитет.
„Интересот беше голем, имаме пристигнато мостри од цела Македонија. Имаме пристигнато 65 мостри за црвени вина, 20 за бели, десетина за розе вина и станушина. Од жестоките пијалаци присутни се 20 мостри за ракија и 6 мостри за мастика и овошни ракии. Оценувањето се врши по сите протоколи и стандарди. Првичните оценки се дека напредува квалитетот на вината и ракиите од година во година“ вели Орцо Настов од „Винотек“.
Професорот Михаил Петков смета дека е потребна сеуште едукација на индивидуалните производители, за да произведуваат врвни вина.
„Да бидам искрен денеска очекувавме многу повеќе со оглед на тоа што години на назад се едуцираат производителите. Засега немаме баш некое многу високо мислење, особено за вранецот, кој е најбитен тука. Останува сеуште проблемот кај производителите околу хигиената во подрумите, садовите, неправилна употреба на енолошките средства. Радува тоа што расте интересот, што се повеќе се произведува вино и од малите производители и го преработуваат своето грозје во вино. Додека виното да стане вино има уште еден пат да се иззоди кој воопшто не е лесен. Имавме вина кои имаат стран мирис, кој не е типичен за сортата ниту за виното. Мора многу да се внимава, на приносот на грозје, на комплетната агротехника во лозјата. Да се дочека онаа права технолошка зрелост на грозјето кога мора да се бере за да дојдеме до квалитетно вино. Исто така мора да се внимава и на сите постапки во процесот на винификација“ вели Петков.
Во недела на манифестацијата на која симболично ќе биде извршено закројување на виновата лоза во винскиот музеј, ќе бидат доделени наградите за најдобрите производители на вино и ракија. /А.Д