Ќе се асфалтира дел од улицата „Љубен Весов“, дел од жителите незадоволни од одлуката на општината

Објавено на 28 јули, 2022 во 15:21
Фото: реконструкција на улица „Љубен Весов“

Се реконструира дел од улицата „Љубен Весов“, во стариот дел на Велес. Таму работници веќе започнаа да ги вадат старите гранитни плочки. Потоа ќе следи нејзино асфалтирање се до раскрсница со улицата „Кочо Рацин“, којашто и во долниот и во горниот дел е бетонирана. Оваа улица која води кон Спомен куќата на Коста Солев Рацин е обложена со камен.

На одлуката на општината во сегашната реконструкција на „Љубен Весов“ да се употреби асфалт бурно реагираат граѓани што живеат таму. За нив е неразбирливо до раскрсницата со улица „Кочо Рацин“ да има асфалт а потоа бекатон плочки до Солено чешмиче. Овие триесеттина семејства бараат пред да се асфалтира уште еднаш да се преиспита дали постои можност гранитните коцки да се прередат или заменат со бекатон. Во нивното образложение на проблемот стои дека не му прилегало на Велес, во стариот дел, да се асфалтираат улици. Особено кога од долна страна на раскрсница улицата е бетонирана, од јужна страна е послана со бекатон и од источна страна со камени плочи во „Сокачето на поезијата“, кое минува покрај самата Спомен куќа на Коста Солев Рацин. Велешани велат дека такви решенија во стариот дел на градот не се пожелни бидејќи колку толку имаат сеуште задржано белези од староградската архитектура а делумно и од препознатливата староградска велешка архитектура.

Фото: Раскрсница со улица „Кочо Рацин“

Дума.мк на емајл побара став на Општина Велес. На прашањата од граѓаните како што се зошто овие улици во овој дел на градот ќе се реконструираат со постилање на асфалт и зошто ќе се вадат поставените коцки а не е планирана замена, на пример, со бекатон за да може да се задржи автентичноста на староградската велешка архитектура од општината одговорија дека во делот на задржување на автентичноста требале да се произнесат архитектите затоа што градежните инжинери сметаат дека автентична била калдрмата  од камени плочи на улица „Кочо Рацин“, а не улица „Љубен Весов“ од гранитни коцки .

Фото: Улица „Љубен Весов“

„Улицата „Љубен Весов“ во целата своја должина е сообраќајница по која  сообраќаат возила од различен вид. Во минатото оваа улица,како и многу други улици во Велес, биле поплочени со калдрма. Но во одреден период  во минатото  врз постоечката калдрма нанесен е слој на тампонски материјал  , а потоа се поставени гранитните коцки  како завршна обработка на улиците. Гранитните коцки не  биле нови, тие  се извадени од сообраќајници кои се реконструирале на територија на Македонија. Се работи за гранитни коцки кои како материјал се многу здрави , но секој материјал има рок на употреба. Нови гранитни коцки се со димензии 10*10*10 см  и кога се нови постапката за редење поточно поставување на коловоз  е поедноставна. Бидејки тие веќе еднаш биле користени   , кога се донесени за да бидат поставени на улици низ градот дел од нив сигурно биле со изменети димензии , бидејки секој материјал подлежи на „трошење“.Понатаму,  во  минатото, фрекфенцијата на сообраќајот на улиците била многу мала , но со текот на годините фрекфенцијата на сообраќајот по улиците е многу зголемена. Со тоа дојдено е до пропаѓање на коловозната рамнина. На улицата „Љубен Весов“ извршено е прередување на  коцките , но ефект не е постигнат. По неколку години коловозот од улиците повторно пропаѓа, пишува во одговорот на Општина Велес.

Фото: Улица „Љубен Весов“

Од општинското Одделение за комунални работи и сообраќај додаваат дека општината пред неколку години била во комуникација со различни оператори за  прередување на коцки на улици коешто се покажало безуспешно бидејки квалитетот на редењето не ги задоволувал стандардите како и дека во државата нема мајстори кои со солиден квалитет ќе наредат коцки веќе и да нема, секоја чест на исклучоци ако се успее да се најде.

Според општината, која не отстапува од одлуката да ја асвалтира улица „Љубен Велов“,  „бехатон плочките“  не можеле да се користат за улици туку за тротоари поради потребата од рамна површина на која квалитетно се ределе за разлика од улици под нагиб .  

Фото: Раскрсница со улица„Кочо Рацин“ кон Спомен куќа на поетот

На ова жителите на улица „Љубен Весов“ кусо коментираа ако тоа било така тогаш зошто бехатон бил поставен на јужниот дел од раскрсницата во должина до Солено чешмиче.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.