Колев, Деловска и Хеско ставија потпис на Кодекс за фер и демократски избори и кажаа каква кампања ќе водат
Објавено: 26 септември, 2025, во 14:55 часот
На три дена пред официјалното започнување на кампањата, на осмите Локални избори во државата, тројцата кандидати за Градоначалник на Општина Велес, Марко Колев на ВМРО ДПМНЕ и Коалицијата Твоја Македонија, Маријана Деловска на Демократи и Маја Хеско на СДСМ и Коалицијата го потпишаа Кодексот за фер и демократски избори.
По потпишувањето на документот во Голема сала на Општина Велес тројцата кандидати дадоа изјави.
„Очекувам во наредните 20 дена да водиме фер и демократски избори, да зборуваме за проекти, за решенија на граѓаните. Јас и пред четири години го потпишав овој Кодекс и докажав дека може да се води кампања како што доликува. Истата кампања ќе ја водам и сега. Од мене нема да слушнете нешто што не треба или да напишам нешто што не треба,“ рече актуелниот и кандидат за втор мандат на Градоначалник Марко Колев.
„ Кодексот за мене како социолог е срж на демократијата и максимално почитување на правилата на избор и на водење на кампања без употреба на навреди. Ќе водиме апсолутно позитивна и фер кампања,“ рече кандидатката за Градоначалник, Маја Хеско.
„Се залагам за ненавредлива, демократска и фер кампања,“ рече кандидатката за Градоначалник Маријана Деловска.
Потпишувањето на Кодексот за фер и демократски избори го организираше Општинската изборна комисија додека потпишувањето го следеа набљудувачи на ОБСЕ.
Убавка Јаневска
