Колумна: Каде бевме,а каде сакаме да бидеме !?
Од каде да почнам… не знам и јас, толку многу се насобрало што мислите се измешани, несредени, лутаат од една тема на друга, бараат решенија..излез од безизлезна ситуација, од темните облаци кои надвиснале над ова парче земја. Тука одамна се изгуби радоста, среќата, безгрижните денови, љубовта па дури и слободата. Го нема детскиот џагор кој како слабо ехо одекнува одвреме навреме низ тесните улички. Ја нема секојдневната рутина во пиење кафе со комшивката, кога несебично ги споделувавме нашите грижи, радости, не за да ги решиме нашите проблеми во моментот туку едноставно да си кажеме што нù лежи на срце. Полека но сигурно исчезнува насмевката на лицето на луѓето кои во минатото кажуваа „добро утро“, „добар ден“, „добра вечер“ и ви посакуваа пријатен ден, лесна работа. Телефоните, ајфоните, таблетите, компјутерите ги заменија безгрижните детски игри преку кои децата се смееја, караа, понекогаш плачеа, учеа, се развиваа во здрави личности. Ја нема повеќе ниту колегијалноста, искреното пријателство, сочувството, емпатијата. Поминуваме низ деновите како вештачки творби наместо како живи луѓе, од крв и месо,со сите мани и доблести, со свои обврски и одговорности.
Во трката за подобар живот се изгубивме себеси, вистинските вредности, почитта, лојалноста. Газиме преку живи „лешови“, за да стигнеме до целта. И кога ќе стигнеме до неа, повторно го чувствуваме тој гнев, револт, цинизам, повторно сме празни и неисполнети. Не умееме веќе да ја најдеме среќата во малите секојдневни работи што ни се случуваат, постојано некаде брзаме и сме во спрега со времето. Кариера, пари, престиж, фокусот и мислите ни се насочени тука, без да размислиме дека тоа не може да ни даде утеха, да не стопли и да не охрабри, да ни го покаже вистинскиот правец во животот.
Кој е виновен за ваквата состојба, каде и кај кого да ја бараме вината?
Вината е во сите нас, поддеднакво.., да престанеме да ја префрламе кај другите и од навика да велиме тој или таа е крив(а). Да престанеме да се мачиме со негативни мисли, да престанеме да му мислиме лошо на другиот, да престанеме да ја негуваме омразата во нас. Наместо тоа, да размислиме трезвено, да погледнеме подлабоко во нашето битие, негативните да ги замениме со позитивни мисли, да ја всадиме љубовта во нашите срца. Само така ќе успееме да го продолжиме човечкиот род, во сета негова раскошна божествена сила, која со векови наназад опстојувала. Да го сакаме ближниот свој, да му помогнеме на пријателот, да ги оживееме веќе замрените роднински, пријатеслки комшивски врски, да си подадеме рака еден со друг, да се гордееме со успехот и среќните моменти, да тагуваме и плачеме на тажните со надеж дека ќе заминат или ќе нè одминат.
Да му покажеме на светот дека постоиме, дека вредиме и дека сме народ за почит. Да се стремиме да станеме подобра верзија од самите нас. Да се здружиме и силно да го кренеме гласот против непријателот, да ги тргне канџите од нас, од нашата татковина од нашите природни богатства, од нашите деца. Да не дозволиме да не газат, гмечат, омаловажуваат и обезвреднуваат. Да стоиме цврсто на нозе, да не потклекнеме на ничии структури, домашни или странски. Да бидеме свои на своето, вредно да работиме, меѓусебно да се почитуваме, безрезерно и безусловно да се љубиме.
Колумнистка
Даниела Саздова