Лажни дојави за поставени бомби во училиштата во Велес, МВР повикува на смиреност

Објавено на 7 февруари, 2025 во 11:30

Денешниот ден на наставниците и учениците во Велес започна со лажни дојави за поставени бомби во основните и средни училишта. За наводно поставените експлозивни направи дознаа и родителите на учениците. Тоа внесе вознемиреност кај нив и граѓаните на Велес.

Од Сектор за внатрешни работи Велес до граѓаните е испратено следново соопштение за јавност:

„Министерството за внатрешни работи ја информира јавноста дека по мноштвото пристигнати пријави за наводно подметнати експлозивни направи во повеќе основни и средни училишта на речиси цела територија на државата, надлежните служби на министерството преземаат сеопфатни плански мерки и активности согласно внатрешните процедури за постапување во случај на терористичко загрозување.

Напоредно со ова се врши и проценка на степенот на загрозувањето во меѓусебна координација на безбедносно-разузнавачките служби, преку формиран оперативен штаб во рамки на Министерството.

Согласно досегашните активности, проверките покажуваат дека станува збор за лажни пријави.
Воедно, Министерството за внатрешни работи повикува и апелира за смиреност во јавноста и воздржување од ширење на дезинформации околу ваквите настани што инаку вчера беа евидентирани и во други земји во регионот,“ пишува во соопштението на Министерството за внатрешни работи.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.