Лекари од Брза Помош вадат крлежи од преплашени Велешани, советуваат нема простор за паника

Објавено на 21 август, 2023 во 14:30

Се зголеми бројот на граѓани, во изминатите десеттина денови, коишто побараа помош од лекарите на Итна помош за вадење на крлежи. Паразитите се ваделе од различни делови на телото на велешани. Здравствените работници посочија примери кога крлежи ваделе како од нозе така и од раце, од глава и од други делови на тело. За пример ги посочија изваден крлеж од глава на малолетно дете или од горен дел на надлактица кај жена. Деталниот број на овој вид на здравствени интервенции ќе се знае на крајот од август, кога се подготвува месечниот здравствен извештај.

-Во изминатиот период имаме извадено крлежи кај поголем број на граѓани кои потоа ги упатуваме кај своите матични лекари со цел да направат крвна слика и целосно да ја проверат состојбата. Во амбуланта доаѓаат и голем број на исплашени пациенти со верување дека имаат симптоми на конго-кримска хеморагична треска. Но, можам да кажам дека во моментов ситуацијата е под контрола и нема простор за паника, рече др Елена Коцевска.

Лекарите од Итна медицинска помош, викендов, поточно на 19 и 20 август, имале вкупно 234 прегледи на граѓани од кои 27 на терен, во домашни услови и 207 во амбулантата на Здравствен дом Велес. На што се жалеа најголем број на пациентите ја прашавме др Коцевска.

-Во моментов владее цревен вирус и голем број на граѓани се жалат со болки во стомакот, дијареја и повраќање. Исто така, интервенираме и кај хронично болни граѓани коишто не ја примаат редовната терапија, кај дел од нив кои наместо еднаш ја земале два пати, по што создале состојба на низок притисок и слично,  додаде др Коцевска.

Итна медицинска помош во изминатите 20 дена, поточно од 1 до 20 август, прегледала вкупно 1716 граѓани од кои 1337 во амбуланта и 379 на терен.

Лекарите на оваа здравствена служба со совет до граѓаните кој гласи: „Поради високите температури и летните горештини да конзумираат повеќе течности, да не излегуваат непотребно надвор од домовите во периодот од 11 до 17 часот и да се хранат со лесна храна којашто е богата со витамини и минерали. Наметсо месо повеќе зеленчук и овошје.“

Стефани Манева

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.