(ВИДЕО) Апче нема ни за лек се жалат жителите на Лозово!
На шега велат, но имаат сериозен проблем бидејќи аптека во селото нема.
Вратите на аптеката која работела тука се затворени, рафтовите празни. Околу три илијади жители на Општина Лозово нема од каде да купат лекарства. Најблиската аптека е во Велес на 22 километри од населбата. Најголем дел од населението се повозрасни луѓе со кревко здравје , мора да патуваат или до Велес или до Свети Николе за да купат лекарства. Уште поголем проблем настанува кога одат на специјалист во градот па мора да се вратат кај матичниот лекар по рецепта па повторо во град за да ги купат препишаните лекови.
{youtube}http://www.youtube.com/watch?v=QMI4r_gqPFA&feature=youtu.be{/youtube}
„Сега имаме многу големи трошоци и ден губиме и превоз треба да бараме. А, ако не најдеме треба и такси да плаќаме“, вели Васил Стојчев, жител на Лозово.
„Имаме многу големи проблеми и апелираме до министерот за здравство да се активириаат нивните структури ако е можно да дојдат да ја согледаат ситуацијата кај нас и да помогнат на ова население да излеземе од оваа голема криза“, рече Кирил Маскански, жител на Лозово.
Петиција напишале до општината и во неа се пожалиле за проблемот кој го имаат. Од локалната власт велат дека освен населбата Лозово и останатите десет села кои гравитираат кон неа се на иста мака. Реагирале до министерството за здравство и според нив во тек е процедурата за отворање аптека во селото.
„Во 2012 година не можеше да се отвори бидејќи концесиите за таа година веќе беа поминати, а во оваа 2013 година концесија за аптека е распишана. Процедурата е во министерство за здравство и поради распишувањето на изборите е стопирана. Се надеваме дека псле изборниот процес аптека ќе се отвори“, рече Анкица Анакиева, Општина Лозово.
Жителите пак апелираат што поскоро да се реши овој за нив голем проблем.
„Сметаме дека државата не води сметка за нас помалите локални самоуправи, и апелираме што поскоро да се реши овој проблем. Оставаме владата и аптекарите да се договорат, но ние сакаме да имаме аптека за да не не враќаат во 19 век“, рече Благој Трајчевски, жител на Лозово.
Аптеката која работела тука поради нерентабилност во јули минатата година се откажала од коцесијата. Сега е неизвесно дали друга приватна аптека ќе се јави на огласот и би работела со добивка. Жителите предлагаат државата да го субвенционира идниот аптекар за да се осигураат дека нема да им се повтори истиот проблем./Б.Н