Од Овче Поле во Скопје се враќа вагонот што се излизга од шините на железничката пруга
09.02.2021
Со дигалка што пристигна од Скопје, вработените од Македонски железници – Инфраструктура го вратија на шините патничкиот вагон на возот што вчера околу 17:20 часот излезе надвор од железничката пруга Велес –Штип кај Овче Поле. По неколку часовна работа возот патува кон работилницата на јавното железничарско претпријатие во Скопје каде ќе биде ставен на детален преглед.
Увидот на лице место покажал дека задните две осовини на вагонот излегле надвор од железничката линија. Дополнително ќе се утврдуваат причините и ќе се проверува машинскиот систем на вагонот. По деталниот преглед ќе биде констатиран каков вид на дефект се појавил. Штом се поправи вагонот ќе се стави во употреба на превоз на патници.
Инаку возот кон Кочани сообраќа со само еден вагон, еднаш во текот на 24 часа, за превоз на патници.
Стоилко Андреевски