М-р.и.а Марија Димитриевска Цилакова: „Опкружена со прекрасни професионални соработници и пријатели, се трудиме да ги поместиме границите во квалитетот на архитектурата во Македонија“
Во моментот кога сите се подготвувавме да ја испратиме старата и да ја пречекаме новата 2023 година, од главниот град на Македонија, одекна веста дека велешко архитектонско студио е годинешен добитник на највисоката Годишна награда што ја доделува Асоцијацијата на архитекти на Македонија. Веста стана особено интересна за авторот на ова интервју по прочитаното образложение на комисијата за доделување на престижната награда и по пребарувањето на интернет со цел да дојде до потребните информации за студиото.
И ако пребарувањето откри дека станува збор за велешкото студио „Архитектура нова“, во сопственост на м-р Марија Димитриевска Цилакова, во кое што доминираат вработени дипломирани архитектки, исто така втор поттик беше образложението на Комисијата за доделување на наградата потпишано од истакнати македонски архитекти на Академијата на Асоцијацијата и на управниот одбор, како што се проф. д-р Мартин Гулески, Нина Карангелеска Тодоровска, Јана Гугулоска Ѓорѓевиќ, м-р Филип Конески и Никола Томевски. Тие напишаа:
„Проектот „Вила за современо домување“, во викенд населбата на велешко езеро Младост претставува објект со чиста, ненаметлива композиција и поставеност, каде е очигледно дека чистината и едноставноста биле и крајна цел на проектантите. Вилата е успешно вклопена на теренот и во својот природен контекст, при тоа максимално искористувајќи ги потенцијалите на своето опкружување. Забележани се квалитети и во функционалното решение, но дадена е забелешка за употребените материјали. Во надворешното обликувани употребени се скромни материјали и технологии, што од една страна може да се прочита како недостаток, но од друга може да се причита и како јасна тенденција на архитектот за ненаметлива појавност на објектот.“
И воопшто не беше тешко да се воспостави контактот со идејниот творец на наградениот проект затоа што Марија Димитриевска Цилакова, по краткиот телефонски разговор, предложи разговорот да го реализираме додека пиеме божиќен чај во просториите на „Архитектура нова“.
Дума.мк: „Вила за современо домување, викенд населба на Велешко езеро – Младост“, е најуспешното дело, добитник на Големата годишна награда за архитектура за 2022 година. Како автор на проектот, кажете ни за каков проект станува збор, кои се неговите карактеристики, што содржи што го издвои од останатите конкурентни проекти и го направи иновативен и посебен?
Марија Димитриевска Цилакова: Станува збор за објект за индивидуално домување чии специфични програмски барања се решени со хоризонтална организација на целата структура, преку која се дефинираат дневните навики на корисникот. Благата денивелација на програмските целини создава динамика во композицијата, во ентериерот и екстериерот, но истовремено претставува и суптилен начин на формирање на интимни целини. Ова е објект со повеќе теми и со особено внимание посветено на неговото функционално решение.
Објектот се најде во конкуренција со повеќе објекти за домување, што укажува на градителската пракса и реалност во нашето општество, доминираат овој тип на објекти наспрема јавните. Она што мислам дека го издвои од останатите беше чистината на проектантската идејата и едноставноста во неговата изведба.
Дума.мк: Колку членови брои тимот што се вклучи во реализација на овој проект и точно ли е дека бројот на жени е поголем од мажи? Колку време траеше процесот на проектирање и што е посебно врзано за тој период што ќе ви остане во трајно сеќавање?
Марија Димитриевска Цилакова: Aвтори на проектот сме јас и мојата драга колешка Елена Пазарџиевска. Овој објект го врзувам со почетокот на работата на моето студио “Aрхитектура нова” кое го основав непосредно пред да започне проектантскиот процес, во 2019 година. Од тогаш тимот постепено се зголемува и моментално брои пет архитекти кои по некоја случајност се жени. Паралелно се зголеми и моето семејство, па целиот тој период беше за мене многу значаен и особено емотивен. Процесот на проектирање траеше неколку месеци, но во текот на изведбата постојано доработувавме цртежи, испитувавме различни опции за одредени детали и секако завршивме со проектирање на ентериерот и негова материјализација. По мене проектирањето е процес кој никогаш не завршува. Постојано се навраќам на старите проекти. Секогаш има нишка што ја влечам од еден во друг проект.
Дума.мк: Вилата е градба на атрактивна локација на езеро Младост,се издвојува од останатите како по формата така и по обликот. Колку просторот ви дозволи да ја создадете така како што ја проектиравте а колку потребите на инвеститорот?
Марија Димитриевска Цилакова: Позицијата на вилата и пространиот двор пред неа овозможуваат да може да се согледа нејзината форма и пропорција и тие и даваат значење. Инвеститорот имаше многу јасна визија за тоа во каков објект сака да живее, приземен објект исполнет со многу волумен. Истовремено, проектантскиот процес не беше обременет со примери или некакви други просторни реалности, само со чувства и желби за програмските содржини. Ова значеше апсолутна слобода во креирањето на композицијата.
Дума.мк: Колку траеше изградбата на вилата и се соочивте ли со предизвици?
Марија Димитриевска Цилакова: Изградбата траеше неполни две години кои беа полни со предизвици, носење на одлуки и обиди нашите желби да не ги надминат можностите и да направиме баланс во процесот на реализација. Објектот е амбициозен и од конструктивен и од технолошки аспект. Тој содржи специфични конструктивни елементи, стакла кои се раскошни во своите димензии и беа предизвик да се имплементираат во градбата, како и бројни други специфични детали. Ова се дополнителни аспекти по коишто сметам дека објектот се издвојува од останатите. Најголем предизвик беше пандемијата со коронавирусот и неизвесноста со која сите се соочивме.
Дума.мк: Вие и припаѓате на младата генерација на македонски архитектки и од она што досега сум успеала да видам а е поврзано со вашата професионална реализација е дека тежнеете да го вклопите современиот стил на градби во македонската архитектура.Кои се предностите на овој стил во начинот на живот во нашата држава? Ке го задржите ли како обележје во понатамошната работа?
Марија Димитриевска Цилакова: Секогаш се трудам нашите проекти да се одраз на контекстот во кој се создаваат, од урбанистички, социјален, економски и културен аспект. Не сакам да следам одреден стил, туку да создавам објекти кои се логични, трајни, со особени естетски вредности, и кои поседуваат одредена јавност во себе, со тоа што создаваат посебен однос кон окружувањето. Ова е насоката по која се водиме во студиото. Сепак верувам дека едноставноста во изразот, чистината и балансот се вредности кои ќе се провлекуваат во понатамошната работа. Сакам да мислам дека архитектурата може да го промени стилот на живот. Конкретно во Вила за современо домување човек се чувствува слободно и достоинствено. Не може да се создаваат современи објекти без познавање и негување на традицијата.
Дума.мк: Ви честитам на наградата. Колку таа ви е драга, особено што доаѓа од архитектонската македонска фела и бидејќи доаѓа од еминентни македонски архитекти, вклучени во изборот, на што ве обврзува?
Марија Димитриевска Цилакова: Годишната награда што ја доделува Асоцијацијата на архитекти на Македонија е една од најпрестижните награди за архитектура кај нас. Таа за мене претставува поттик да продолжам да се вложувам во проектите, но лично ја доживувам како знак дека она што го правам е во вистинската насока. Имам среќа да се опкружувам себеси со прекрасни соработници и пријатели со кои заедно се трудиме да ги поместиме границите во квалитетот на архитектурата кај нас. Искрено сакам да мислам дека оваа генерација има сила за промени во полето на нашата професија во земјава. Ви благодарам за честитките и за покажаниот интерес за нашата работа!
Убавка Јаневска