Македонската аналогна астронаутка Димовска:„И младите од малите нации можат да постигнат големи соништа, вселената е за сите а и ѕвездите се достижни!“ (Видео)

Пионерка во истражувањето на вселената, која што претставувајќи ја Северна Македонија на глобално ниво како NASA договорен истражувач, аналоген астронаут и јавна личност Мартина Димовска гостуваше во Велес и во Јуроп Хаус реализираше две преставувања на професијата која ги поврзува планетата Земја и Космосот.

Триесет и едногодишната Димовска пред младите и видно возбудени средношколци и ученици во деветто одделение во велешките училишта, многу искрено говореше и сведочеше за истрајноста, иновациите и длабока страст за науката и технологијата. Димовска раскажа како нејзиното високо образование со квалификации за материјалното инженерство и нанотехнологијата од Универзитетот Св. Кирил и Методиј, и ја дале мотивацијата да поместува граници. Преку меѓународни стипендии и програми, оваа млада девојка родум од малото градче Кичево, успеала да го прошири своето знаење во аеронаутичко инженерство, комерцијални вселенски студии и вселенска политика. Димовска е алумни на Global UGRAD програмата, која студираше на „Kent State University“ во САД, а подоцна стана првата Македонка која посетуваше престижната програма за комерцијални вселенски студии на „Florida Institute of Technology“ поддржана од „Aldrin Family Foundation“.
Во моментов, Мартина продолжува магистерски студии по вселенски науки на „International Space University“ (ISU), каде со постигнатите резултати го постави знамето на Северна Македонија рамо до рамо со оние на другите вселенски нации. Нејзините истражувања се фокусирани на технологијата за 3D печатење на Месечината и иднината на сателитските комуникации, и овозможија да биде дел од најдобрите во светот за вселенските иновации.

Димовска е ѝ наградувана аналогна астронаутка со меѓународно признание, добитничка е и на наградата „Emerging Space Leader Grant“ на „International Astronautical Federation.“ Таа претставува револуционерни истражувања на глобални вселенски конференции и соработува со водечки експерти во оваа област. И покрај нејзиниот глобален успех, таа останува посветена на инспирирање и едукација на идните научници и инженери во државава.

Мартина е основач и моментално претседател на „International Space Alliance“ во Македонија, невладина организација која има за цел да ги намали бариерите и да ја зголеми разновидноста во вселенскиот сектор од земјите во развој.
Димовска во Велес, на свој уникатен начин и пристап, успеа во час и половина да сподели и пренесе голем број на информации со коишто поттикна две групи на млади ученици да и постават десеттици прашања за нејзината мисија, за космосот, планетите, ѕвездите, сонцето и месечината. Нејзината завршна порака до нив гласеше: „И младите од малите нации можат да постигнат големи соништа, вселената е за сите а и ѕвездите се достижни!“.
Убавка Јаневска
