Мал одзив за примање на трета доза вакцина во Велес наспроти за издавање на Сертификат на вакцинираните надвор од државата (Фото и Аудио)
Вкупно 58 здравствени работници од примарното, секундарното и приватното здравство се вакцинирани со трета доза од вакцината „Фајзер“ во ЈЗУ Здравствен дом Велес. Вакцинацијата трае скоро еден месец и според д-р Марина Тодоровска, за трета доза вакцина има заинтересираност и кај повозрасните граѓани.
-За трета доза „Фајзер“ има интерес и кај пензионерите од повозрасната категорија, но кај нив се уште нема поминато шест месеци од втората доза на што им укажуваме и тие тоа го прифаќаат. Вакцинацијата се одвива со истото темпо како и во претходниот период. Сега за прва доза се аплицира само вакцината „Фајзер“, втора доза продолжуваме со „Синовак“, „Фајзер“ и „АстраЗенека“. Дневно втора доза даваме во зависност од тоа колку имаме закажано термини на апликацијата „МојТермин“ и најчесто аплицираме помеѓу 30 и 50 дози додека како прва доза се вакцинираат од 25 до 35 граѓани, додаде Тодоровска.
На двата пункта во оваа здравствена установа, денеска, околу 11:00 часот, имаше само две граѓанки коишто чекаа ред за да бидат внесени во здравствениот системот и да добијат македонски Сертификат за вакцинација. Тие двете дози на вакцина, против Ковид-19, ги примиле надвор од државата. Најчесто за внесување во системот за добивање на македонски Сертификат, доаѓаат граѓани коишто имаат примено две дози на вакцина во соседна Србија, во Германија како и во САД.
Сертификат единствено не можат да добијат граѓани коишто се вакцинирале со вакцината „Модерна“, надвор од државата, не можат да ја добијат третата доза од вакцината „Фајзер“ ниту македонски Сертификат бидејќи овој вид на вакцина не е внесен во македонскиот здравствент систем.
Пунктот за вакцинација во ЈЗУ Здравствен дом Велес, работи секој ден, од понеделник до петок, во една смена од 08:30 до 13:30 часот.
Стефани Манева