Мала понуда на прехранбени производи во велешката трговска мрежа со налепница „гарантирана цена“, граѓаните незадоволни што побројни се на „акциска цена“
Многу поголем е бројот на прехранбените производи во маркетите во Велес коишто се произведени во Србија или во Словенија на кои има налепница со натпис „гарантирана цена“ во споредба со македонските производи. Преработки на месо на компании од Словенија се поефтинети од 30 до 60 денари наспроти цените на македонските производители кои ја симнале за десеттина или помалку од 10 денари. Вакви изјави дадоа Велешани на новинарските прашања на Дума.мк кои производи забележале дека се намалени и дали се задоволни од бројот и видот на прехранбени производи со намалени односно гарантирани цени.
„Мислам дека пензионерите се најчести потрошувачи на млеко, на млечни производи, на јајца, пилешко месо и на мелено месо. Тоа што не можам да разберам е на пример како може во еден маркет да има празни рафтови на кои беа изложени јајца, значи да нема ниту едно кутиче, додека истиот производ од ист македонски производител, во втор маркет, да се продаваат по цена од 109 денари за 10 парчиња. Цената во вториот маркет не е намалена и има само јајца од ХL големина, додека на останатиот дел од рафтот нема од помалите величини,“ рече Велешанка.
Нејзината пријателка додаде дека забележала најголеми снижувања на цените на словенечките сувомеснати производи, паштети, месен нарезок како и на колачите и вафлите чии производители се фирми од соседна Србија.
„За два до шест денари се намалени цените на млекото, околу три денари на кислето млеко, нешто помалку на јогуртот додека нема намалување на цените на сирењата,кашкавалите на македонските производители. Можам да наведам дека гарантирана цена забележав на една до две домашни фирми. И не ми е јасно како производите од странство, на пример сирењето „Пресидент“, има поголемо намалување од македонските производи,“ додаде велешанката.
Дума.мк ги провери изјавите на овие две сограѓанки. Тие се точни. Исто така во голем маркет во центарот на градот пронајде пакувања на свежо јунешко или мелено месо, на словенечко или замрзнато пилешко месо од увоз со пониски цени за разлика од истите производи кои се произведени или препакувани во Македонија. Истото се однесува и за кондиторските производи.
„Знаете дека голем дел од платата се троши на набавки на храна и на кондиторски производи за децата. Ние како возрасни можеме да одминеме но кога децата се во прашање тогаш се купува тоа што тие најмногу јадат. Јас лично не забележав дека се намалени цените на путерот, на маргарините, на еурокремот, на мајонезите, на чоколадите, на вафлите и да не редам затоа што голема е листата на производи кои ги купуваме токму за нашите деца. Единствено со по неколку денари има намалување на млекото,“ додаде млад брачен пар.
Граѓаните сметаат дека со вака мал број на производи на кои има налепница „гарантирана цена “ во велешката трговска мрежа за жал нема да имаат голема заштеда во домашниот буџет. Според Велешани во маркетите имало повеќе производи со акциски отколку со гарантирани цени.
Убавка Јаневска