(Видео) „Меѓаши“ градеше капацитети и на Општина Велес за место на растење и посветеност кон децата
Општините имаат потреба од развивање на концептот „Општини посветени на децата“ како и прецизирање на точни потреби и идентификувани проблеми на децата во локалната заедница. Тоа што е особено значајно е посветеноста на локалнтите заедници за решавање на проблемите и справување со предизвиците во соработка со надлежните институции.
На локалната конференција „Моето место на растење“ што денеска се одржа во Јуроп хаус во Велес Драги Змијанац, претседател на Првата детска амбасада „Меѓаши“ рече дека еден од сериозните предизвици што предизвика интерес, во едногодишното реализирање на проектот, е сознанието дека општините во државата не се вмрежени и имаат испреплетени ингеренции со централната власт.
Општина Велес е една од петте општини, Кисела Вода, Дебар,Виница и Гостивар, во кои се спроведува проектот, финансиран од Делегација на Европска Унија во времетраење од 30 месеци. Партнер на „Меѓаши“ е Центар за семејно и детско згрижување „КМОП“ од Скопје.
Посветена на детето, со клучна улога во социјалниот развој и другите прашања коишто се поврзани со благосостојбата. Вака Верица Тодоровска Дацева, раководителка на одделение за јавни дејности, ја претстави Општина Велес. Таа се осврна и на главните заложби.
За предизвиците во градењето на детските права во современа локална самоуправа социолог Љубе Лучков, поранешен претседател на Комисијата за заштита на правата на децата во Општина Велес, смета дека најголемо внимание треба да се посвети на примарна и секундарна социјализацијата на децата.
Конференцијата заврши со формирање на општински панели чија задача е обезбедување на структурирана и фокусирана работа поврзана со правата на децата како и донесувањето на локалните стратешки планови. Во исто време со подготовка на Стратегија за унапредување на правата на децата и нивно вклучување во локалното планирање.
Убавка Јаневска