Министер Тошковски: Подигање на лични документи и патни исправи во просторија на ТППЕ Велес или во Граѓански сервис на Општина Велес
Ќе се раздели постапката за вадење на нови лични документи за граѓаните на Велес, на Чашка и на Градско. Фотографирањето ќе остане во истиот простор во зградата на Министерство за внатрешни работи во Велес, кај Пожарна, додека новите документи со името Северна Република Македонија ќе се подигаат или од просторија на Пожарната или од дел на канцелариски простор на Граѓански центар во Општина Велес. За ова денеска разговарале Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски и Градоначалникот Марко Колев на работна средба во Велес. Конечната одлука се очекува да ја соопшти Министерството за внатрешни работи.
Министерот Тошковски, по обиколката со градоначалникот Колев, на објектот за издавање на лични документи кај Пожарната констатираше дека состојбата со фотографирање и подигнување на новите лични документи во Велес не била како во Скопје но и дека не била сјајна.
-Граѓаните кои ги подигаат личните документи или патни исправи да ги подигаат од друга просторија за да нема гужва пред зградата во која се врши фотографирањето. Гледаме да направиме се што можеме за да го олесниме процесот на закажување, фотографирање, подигање на личните документи и патни исправи. Но сакам да знаат македонските граѓани дека решението на ова патешествие е едно и е многу лесно. Тоа е 61 пратеник да се договорат во Собрание, да дигнат два прста односно да стиснат копче и да го изменат Законот за патни исправи како што го изменија Законот за безбедност во сообраќај за да ги решат маките и голготата во наредните 10 месеци за да ги издадеме сите документи усогласени со новата регулатива, додаде Тошковски.
Министерот појасни дека пратениците на овој начин ќе можеле да придонесат граѓаните кои имаат важечки лични документи со старото име, Република Македонија, да ги користат во наредните 10 месеци, временски период, во којшто оптимално треба да заврши промената за 650.000 граѓани во државата со важечки документи.
-Не се криви граѓаните кои имаат важечки документи, крива е државата која морала да овозможи услови за навремено вадење на документите, додаде Тошковски.
Според градоначалникот Колев денешната средба следела по телефонски разговор со министерот Тошковски од пред два дена .
-За неколку часа ќе донесеме одлука. Во просторијата во Пожарна потребна е интервенција додека во Грагански сервис во зградата на општината има добри услови за работа, греење и слично. Значи зборуваме за простор од каде граѓаните ќе можат само да ги подигаат новите лични документи или патни исправи, додаде Колев.
Министерството за внатрешни работи ќе треба да ја соопшти конечната одлука поточно за да се избегне метежот од каде точно во Велес ќе се подигнуваат новите документи за велешани како и за жителите на општините Чашка и Градско.
Убавка Јаневска