Министерот Таравари во велешка Општа болница, ги промовираше медицинските апарати Артоскропски столб и Хирушки ласер (видео и фото)

Двата нови медицински апарати Артоскропски столб и Хирушки ласер се монтирани во операционата сала на Хирушкото одделение на болницата во Велес. Првиот е за изведување на ортопедски а вториот за уролошки интервенции. Во среда, на 12 март, д-р Зоран Арсовски специјалист по ортопедски болести ќе ја изведе првата медицинска интервенција со Артроскопот. Набрзо и д-р Влатко Ристов, специјалист по уролошки болести ќе го стави во функција Хирушкиот ласер.

Двата апарати што при крајот на минатата година ги доби болницата и ја спроведе постапката на нивна монтажа чинат 400 илјади евра. Апаратите ги набави министерството за здравство.

Министерот за здравство, Арбен Таравари рече дека медицинските апарати ги побарале болницата и лекарите со цел да се олесни начинот на интервенција, оперативниот зафат над пациентите кои во болница постоперативно ќе се задржуваат само еден до два дена. Исто така, Таравари соопшти дека болницата наскоро ќе ангажира 11 приватни и 12 државни специјализанти, од кои неколкумина се при крај на специјализацијата.
Директорот на велешка болница, Александар Бузалков се заблагодари на министерството коешто го препозна потенцијалот на Хирушко одделение на велешка Болница како Регионален центар во којшто здравствени услуги користат граѓаните од цело Повардарие и делумно од градови кои припаѓаат на источна Македонија. Бузалков истакна дека Ортопедското одделение минатата година ја завршило со над 400 операции додека Уролошкиот оддел со 90 оперативни зафати. Дума.мк го прашаше директорот и дали специјализантите, којшто ќе дојдат во велешка болница, ќе можат да ги извршуваат оперативните зафати или тоа ќе го прават само сегашните специјалисти, еден ортопед и еден уролог.
Министерот Таравари одговарајќи на новинарско прашање на Дума.мк го појасни новиот концепт на регионализација во здравството. Тоа значи дека велешка Општа болница ќе функционира со тоа што велешани за потребите од услуги коишто не ќе може да ги добијат во неа ќе користат прво услуги на ГОБ „8 Септември“ а доколку потребно е од таму ќе бидат препраќани во Клинички центар Скопје. Овој модел во суштина значи растеретување на Клинички центар Скопје којшто издава здравствени услуги за потребите на граѓаните на територијата на целата држава.
Убавка Јаневска
