Младиот бригадир Колевски, велешанец во Македонската акцијашка бригада, ударник е на ден и најдобар фудбалер на МРА „Рибариќи“ во Нови Пазар, Србија
Скромно и молчаливо момче е Гоце Колевски од Велес. Тој има 14 години и учи во ООУ„Св. Кирил и Методиј“. На Меѓународната работна акција „Рибариќи“ во Нови Пазар, вчера, на четвртиот работен ден на траса го урна дневниот рекорд. Колевски најбрзо и најдобро исчисти, посла со песок и израмни со грибла површина од 36 метри во ширина и 70 метри во должина на плажата на езерото „Гази вода“. Доби и ударничка значка.
Поточно вчерашниот беше ден на Колевски. Тој освен што беше прогласен за ударник на траса покажа дека е и велемајстор во фудбал. Ва натпреварот Македонската работна бригада го победи домаќинот, Работната бригада на Нови Пазар, со резултат од 3:0. Колевски е прогласен и за најдобар фудбалер на натпреварот, за што доби медал.
За добра организација на младите наградени со акцијашки шал се акцијашите ветерани Делчо Костов и Јошко Магаш од Македонската работна брига.
Во составот на Македонската работна бригада има вкупно 12 млади бригадири. Од нив пет се од Велес и седум од Штип. Останатите 19 се акцијаши ветерани и тоа 16 од Македонија и тројца од Србија.
Македонските акцијаши ветерани заедно со ветераните од бригадите од Босна и Херцеговина, од Турција и од Србија како и поединци бригадири од Словенија и од Хрватска поставуваат насипи и градат потпорен ѕид околу езерото „Гази вода“, кај Нови Пазар. Акцијата „Рибариќи“ започна на 20 јули и трае до 27 јули, годинава.
Убавка Јаневска