Мобилно новинарство – Приказна: Гугувејчиња и цанцариња сè уште има на велешкиот пазар, но нема гунги (видео)
Не многу одамна биле интересни играчки а денеска се само декорации. Со гугувејчиња играле повозрасните велешани. Сега гугувејчиња се бараат на градскиот пазар само на крај на месец октомври, пред празнувањето на „Ноќта на вештерките“. Што е гугувејче, го прашавме градинарот Мите Ѓоргиев, затоа што тој ги продава.
-Во Велес и во централна Македонија ги нарекуваат гугувeјчиња. Тоа се црпчиња, не се тиквички. Кога ќе се отворат, во внатрешноста имаат празнина. Значи немаат семчиња туку само празна шуплина,опкружена со ѕидови. И тие се изгубија како производи. Случајно на едно место видов „гугувејче“ во регал. Успеав по долго време да го вратам семето и ги произведувам чисто за забава. Така што ќе можат да ги видат луѓето, рече градинарот Мите Ѓоргиев.
Гугувејчињата најчесто ги купува велешката детска градинка „Димче Мирчев“, делумно родители со мали деца и малкумина граѓани кои се одселиле од родните огништа. Последниве преку нив ги враќаат своите спомени на родниот крај, на Велес и на Македонија, додека живеат во странство. Но на велешкиот пазар граѓаните умеат да посакаат да купат и цанцариња.
-Малечките тиквички и малечките дињи наречени „цанцариња“ се произведувале само за украс. Во текот на есента жените ги користеле како украси, дуњите и цанцарето, за да го попримат собите мирисот од нив додека пак гугувејчето само за да можат со него да си играат децата. И најинтересно е тоа што сите мали деца штом дојдат веднаш го земаат цанцарето затоа што има интересна, забавна боја, додаде Ѓоргиев.
И гугувејчето и цанцарето се дел од старата традиционална игра на повозрасните велешани кога биле деца. Но, градинарот Ѓоргиев не е единствен којшто се сеќава и на црпките по познати како гунги. За последниве велешани ги врзуваат спомени додека со нив го препливувале Вардар, од една до друга страна на речното корито, со појас составен од четири преполовени гунги закачен на половината на детското тело. Така гунгите всушност биле гума за пливање.
А токму интересот на дечињата во детската градинка, мотивирани од нивните воспитувачки, за игра со гугавејчињата и цанцарињата го поттикнаа Мите Ѓоргиев вгодина да засади не помалку од 20 ластинки. Тие врзувале најмалку по 50 или просечно околу 1500 гугувејчиња. Градинарот се надева и на солиден род на цанцариња што значи дека исто толку дечиња ќе можат да ги користат за игра.
Убавка Јаневска
Стефани Манева