На брана „Лисиче“ во Чашка поставена Метеоролошка станица, придонесува за следење на клучни параметри на акумулацијата што го водоснабдува Велес

Објавено на 28 април, 2025 во 12:11
Фото: Метеоролошка станица на брана „Лисиче“

Инвестицијата од сопствени средства во висина од 224 илјади и 200 денари со ДДВ вложи јавното водостопанско претпријатие „Лисиче“ во набавка и поставување на Метеоролошка станица во дворот на браната на локација над истоименото село во Општина Чашка. Метеоролошката станица функционира од почетокот на месец март, годинава и евидентира податоци на база на моментални како и измерени вредности на параметри коишто се од суштествена потреба за управување со водата во акумулацијата од којашто се снабдуваат Велешани со вода за пиење.  

Вработената електроинжинерка Викторија Манева Кошинов соопшти дека станува збор за
Нов систем  за мониторинг којшто ги следи параметрите како што се брзина и насока на ветерот,температура и влажност на воздухот, количина на врнежи, атмосферски притисок и соларна радијација.

„Податоците се складираат во база од моментот на поставување на станицата, што овозможува прецизна анализа на метеоролошките услови на дневно, месечно и годишно ниво, во зависност од видот на параметарот. Оваа метеоролошка станица овозможува континуиран увид во моменталните временски услови и собирање податоци за одреден временски период како што на пример се последна недела или месец и што е клучно за ефикасно оперативно управување, навремено донесување одлуки и зголемена безбедност на хидросистемот,“ додаде Манева Кошинов.

Податоците од метеоролошката станица се интегрирани и прикажани во SCADA системот, што овозможува континуиран мониторинг и анализа на параметрите во реално време. Со вакви Мерни станици располагаат сите акумулации во државата. Станицата на акумулацијата „Лисиче“ засега ќе се користи само за интерните потреби од страна на државното јавно претпријатие за водостопанство.  

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.