На доброволните пожарникари од Општина Чашка им е потребна помош

Објавено: 7 септември, 2026, во 14:48 часот

Прво беа петмина па двојно го зголемија бројот на доброволци во Против пожарно друштво (ДПД) „Бабуна“ во Чашка. Сега се 20 и гаснеа четири пожари. Очекуваат одлука на уште петмина жители за доброволци од населените места за учество во секаков вид на елементарни непогоди на една од најголемите по територија општини во државата.

Оваа група на доброволци, граѓани од општина Чашка, без било каков надомест одлучи да се одзива штом ја повикаат во било кое време на денот или ноќта. Штом има потреба од помош засега ги земаат од дома мотиките, копачите, лопатите и облекуваат стари работнички одела. Кој има пумпа за прскање ја зема со себе и неа. Тргнуваат со сопствените возила, бензинот никој не им го плаќа, но стигнуваат таму каде што е потребно.

Но потребни ни се донации во заштитна опрема, пумпи за вода и теренско  возило за да продолжиме да се озиваме на секој повик, вели Петре Костовски од Чашка.  

„Моментално испаѓаме со наши работнички алишта. Имаме нешто грибли и некоја мотика, можеме со лопати, делуваме со рачни пумпи за на грб што се носат. Да добиеме едно теренско возило за да делуваме затоа што нашите лични возила се пониски и потребно ни е возило за да стигнеме на секое место.“

Костовски додаде дека биле повикани од Градоначалникот Суат Шакиров и разговарале за финансиска поддршка како и друга помош.

За ДПД „Бабина“ знае и Дирекцијата за заштита и спасување. И оттаму најавиле поддршка но дури кога ќе се ревидираат документите во Централен регистер и поврторно граѓанското здружение ќе добие статус на организација.

До тогаш на пожарникарите доброволци потребна им е помош. Нивните барања можеби ќе ги слушнат фирмите па ќе одлучат да им подарат ХТЗ опрема и по некој денар.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.