Наставниците во училиштата, училниците празни на вториот ден на генералниот штрајк на просветните работници во Велес
Сите наставници и техничкиот персонал се на работните места во ООУ„Свети Кирил и Методиј“ во Велес. Во училниците нема ученици и не се изведува настава. Вработените во ова училиште се одзваа на повикот на СОНК и стапија во генерален штрајк барајќи плати по закон и почитување на колективните договори.
-Од вчера, 11 април членовите на синдикалната организација во нашето училиште стапија во генерален штрајк со 100 % одзив или вкупно 49 наставници и технички персонал. Воспитно образовен процес не се одвива, учениците не дојдоа на настава и немаме никакви проблеми во тој дел. Ги бараме нашите права поточно исплата на плата согласно закон и почитување на колективниот договор, рече претседателката на синдикалната организација Костадинка Мечевска Стојановска.
Според информациите на финансиската служба со исплатената плата за месец март, годинава, во ова училиште нема ниту еден вработен со плата под 18.000 денари.
На синдикалната организација сега и останува обврската за настојување да бидат исполнети останатите барања кои се однесуваат на додатокот за работа на наставниците во комбинираните паралелки, за прекувремена работа, регрес за годишен одмор, утврдување на фонд на часови на наставниците по практична настава и регулирање на статусот на сметководители, координатор на програми, образовни асистенти и лекар во училиштата.
Убавка Јаневска