Собрани потписи за отворање на Центар за жртви на семејно насилство !
Општини во Тиквешкиот регион собраа вкупно 3.250 потписи на граѓани со кои се бара отворање на регионален шелтер центар.
Потписите ги собираа членови на граѓански здруженија и ги предадоа во Меѓуопштинскиот центар за социјални работи во Неготино.
Иницијативата е на невладината организација „Женско лоби” од Демир Капија во соработка со младинскиот центар „Креактив” од Кавадарци и Граѓански центар за превентива и ресоцијализација од Неготино.
Во неа се вклучени и средношколци од неготинската гимназија.
„Одличен потег што една ваква иницијатива се поднесува токму кај нас и се надеваме на позитивен одговор на барањето на граѓаните. Важно е жртвите на семејно насилство да бидат згрижени и да им се помогне да се социјализираат во општеството зашто нашиот регион нема ваков шелтер центар а има потреба од него. Се зголемува бројот на жртвите на семејно насилство и особено е важно што тие се храбри да го пријават“ рече Роза Јаневска, директор на Центарот.
Граѓанските здруженија се задоволни од одзивот на граѓаните кои сериозно пристапиле и дале поддршка на нивната иницијатива.
„Ние нема да застанеме тука затоа што проблемот е комплексен општетсвен проблем за чие решавање треба да придонесеме сите, но се надеваме дека со реализацијата на овој проект успеавме да ги анимираме граѓаните за сериозноста и последиците од семејното насилство. Низ неколку трибини и работилници веќе се едуцирани преку 400 граѓани од Тиквешкиот регион а поделивме и илјада информативни флаери како и друг едукативен материјал,“ рече проект координаторот Менче Николова./Б.Н.Т