За македонското јагне нема заинтересирани купувачи!
Претседателот на Асоцијацијата на земјоделци Ефтим Шаклев во Неготино рече дека откупот на јагнето оди со забавено темпо и дека сточарите не се задоволни од цената која им се нуди за килограм.
“Само за илустрација неколку пати е зголемена цената на сточната храна и во моментов 140 денари се даваат за килограм жива мера. Имаме незадоволни производители а во најлош случај и нема заинтересираност кај откупувачите. Од разговорите кои ги имавме и со двете страни ни беше речено дека за откупувачите имало поевтино јагне во Шпанија и Италија па и затоа цената била ниска.За некој ден очекуваме цената благо да се покачи но, точно кога ќе биде тоа не можеме да кажеме,“ рече Шаклев.
Според него,додека се чека, јагнето ќе порасне и со тоа ќе се изгуби италијанскиот пазар кој бара полесни јагниња а ниската цена на хрватското и грчкото придонесува да нема заинтересираност за македонското јагне од тамошните трговци.
Шаклев информира дека Македонија располага со 780 илјади овци и точниот број на јагниња во моментов не се знае зошто самите производители одлучуваат кои ќе ги остават а кои јагниња ќе ги продадат.
Од кланицата Серта компани во Кавадарци која важи за најголем извозник на македонско јагне ни рекоа дека во моментов преговараат за извоз во Италија и Хрватска за време на Велигденските празници.
“Факт е дека е криза насекаде но ние се трудиме да ги оствариме зацртаните планови за извоз како во Италија така и во Хрватска,“рекоа од Серта компани./Б.Н.Т