Во Тиквешијата новороденчињата сеуште се крстат по бабите и дедовците!
Раѓањето на бебе во семејството е секогаш проследено со радост и среќа од најблиските но, не ретко во семејствата во Тиквешкиот регион знае да донесе и проблеми.
За што станува збор?
Името на бебето, е она за што најмногу се расправаат младите и старите ,односно кое име ќе го носи новороденчето. Има многу вакви случаи кои се раскажуваат на разни семејни собири, забави ,некогаш на шега а некогаш и со друга намера.
Се раскажува за еден случај во Демиркаписко кога налутениот дедо, затоа што неговиот прв внук не го добил неговото име отишол во матичната служба и побарал да го добие името на внукот.Рекол дека кога не може внук му да го носи неговото,тогаш тој ќе го земе на внукот.
„ Обично вакви случаи се создаваат кога поединци не можат никако да прифатат нивното внуче да не го носи нивното име па се решаваат и на ваков чекор. Посебно е изразено ова кај бабите кои многу често доаѓаат во конфликт со снаите само за да ја добијат битката и да биде по нивно “,раскажаа од матичната служба.
Не е убава сликата кога новороденчето, кое се уште не излегло од болница, а неговите родители не можат убаво да се израдуваат зашто дома војна се води, старите, бабите и дедовците, па и кумовите одлучуваат кое име да му се даде на детето.
„Имам две ќерки и немам син кој би го подновил моето име.Посакував тивко во себе да се сетат дека можат да го стават и моето име.Се одлучија на тоа но, тука реагираа сватовите и така не бидна работата“, раскажа 65 годишна жителка на Неготино.
Се случува младите честопати да бидат условени од постарите за името на новороденчето,односно ако не ги „подноват“ да не бидат наследници на имотот. Постојат случаи кога младите ги уценуваат постарите „ако сакаат да бидат подновени тогаш треба да бидат и нивни наследници“.
„Во Тиквешијата сеуште важи она старо правило, ако не се крсти внучето по нивното име, бабите и дедовците, ќе се срамат пред роднините,соседите и пријателите“,раскажуваат матичарите.
Но има и такви случаи кога свекрвата не сакала да биде внуката крстена на нејзиното име па откога ќе слушнела дека во опција доаѓа името на другата баба,тогаш таа се премислува и веднаш реагира кај младите.
Од матичната служба посочија и на навиката кога родителите имињата на новороденчињата ги запишуваат во демунитивна форма,односно наместо Никола тие го заведувале како Николче или Стојан како Стојанче. Матичарите укажувале но тоа родителите не го прифаќале. “За џабе,тие го намислиле тоа и не можеме со ништо да ги разубедиме дека тој, Стојанче утре ќе биде возрасен маж и нема да му одговара името,“ рекоа матичарите.
Има многу вакви приказни на нивните шалтери,кога баба Рада не сакала внуката да биде Радица или пак наместо Велика да биде Викторија.
„Што тогаш, ако се вика Викторија од каде тоа има врска со Велика, јас не можам ни името да го изговорам ,не ми требаат странски имиња“,налутено ќе каже ново печената баба Велика.
Приказните од шалтерите на матичната служба одат до таму што откако младите ќе одлучат да дадат друго име на детето,старите не сакаат да го прифатат „помодерното“ име па тие си го нарекуваат по свое.
Ваквата традиција во Тиквешијата постои отсекогаш, да се стави името на постариот, со тоа да се покаже почит и продолжување на семејниот обичај. Има случаи кога во едно семејство со генерации се провлекуваат едни исти имиња прадедо Ило, дедо Лазо, син Ило ,внук Лазо а најверојатно и правнукот кој ќе се роди нема да биде поштеден од традицијата./Б.Н.Т