Комерцијална банка донираше амбулантско возило за потребите на ЈЗУ Здравствен дом – Неготино
05.01.2021
Комерцијална Банка АД Скопје како општествено одговорна компанија, денес донираше санитетско моторно возило за потребите на ЈЗУ Здравствен дом – Неготино. Со цел полесно справување со последиците предизвикани од пандемијата, но и подобра и навремена услуга за граѓаните, оваа донација е од суштинско значење за сите граѓани на Општина Неготино и Општина Демир Капија.
Од ЈЗУ Здравствен дом – Неготино изразија голема благодарност до Комерцијална банка за донацијата на амбулантско возило за потребите на граѓаните од општините Неготино и Демир Капија. Истовремено тие упатуваат благодарност и до Градоначалникот на општина Неготино кој што посредуваше за реализирање на оваа донација.
„Оваа донација доаѓа во вистинско време кога потребите за транспорт на населението се повеќекратно зголемени. Со оваа донација ЈЗУ Здравствен дом Неготино ќе располага со оптимален број на санитетски возила за секојдневните потреби на населението. Ви благодариме на хуманоста и чувството дека во битката со пандемијата сме сите заедно“, изјави Билјана Филипова, директор на ЈЗУ Здравствен дом – Неготино.
Донацијата е во вредност од над 2 милиони денари и истата е дел од програмата за поддршка на македонското јавно здравство.
Со оваа донација Банката, во соработка со Општина Неготино, повторно ги истакна важноста и обврската на сите институции во државава да се вклучат во борбата со пандемијата, која сѐ уште претставува сериозна закана за здравјето и животот на граѓаните, потенцираат од Комерцијална Банка АД Скопје.
Мите Јаначков
