Најстарата приватна авто-школа во државата е формирана во Неготино, денес слави 30-годишен јубилеј
15.01.2021
Можеби навидум изгледа чудно и неверојатно, но првата и воедно најстара авто-школа во државата е формирана токму во Неготино. Авто-школа „15 јануари – Неготино‟ , е формирана далечната 1991 година, на датумот чие име и го носи, пред точно 30 години. За тоа како невозможното стана возможно, за самите почетоци со работа, големата желба сонот да стане јаве, како и за развојот на Авто-школа „15 јануари -Неготино‟ раскажува еден од нејзините сопственици, Леон Ристов.
Се сеќавам како да беше вчера. Беше ладно и снежно јануарско попладне, а времето за започнување на теоретска настава беше сѐ пократко. Јас и брат ми Димитар Ристов бевме посебно возбудени. На влезот, каде што ги пречекувавме кандидатите имаше отворени бонбониери, сок и пластични чаши. Сакавме да ги пречекаме првите кандидати и да ги почастиме, скромно но со многу љубов.
Поводот беше отварање на приватна авто-школа, што во тоа време за најголемиот дел од жителите на Неготино и околината, па и за цела Македонија, беше речиси невозможна мисија, илузија, или во најмала рака лудост!
Но така не мислеше татко ми, Стојан Ристов. Тој имаше сон, да ја отвори авто-школата, а тој сон сега веќе почна да го живее. Со него го живеевме и ние.Воопшто не беше лесно, процедурата беше многу сложена и долга, и траеше неколку месеци. Уште многу порано татко ми знаеше како и ќе се вика. Рече: ќе се вика 15 ЈАНУАРИ.
Тоа беше ден на возачите во една бивша држава во која Македонија сѐ уште беше во заедница, а тој беше емотивно многу врзан за тој настан и за тој датум.
За да симболиката биде уште поголема, токму и првата теоретска настава започна баш на 15-ти јануари, во, сега далечната 1991 година, во просториите на Црвен крст-Неготино, кои беа и првите простории каде започна да работи Авто-школата „15 Јануари-Неготино‟.
Пријатно нѐ изненади големиот број на нови кандидати. Не ни помислувавме дека за толку кратко време (за неколку денови од кога и официјално добивме дозвола за работа) може толку многу кандидати да ни дадат поддршка и доверба.
Како да беше вчера, се сеќавам и на зборовите на татко ми, собрани во автошколата со брат ми, ни рече:
Оваа доверба не смееме да ја изневериме! Така и беше, а така и остана. Зборот “доверба” стана еден од трите столба врз кои се заснова нашата авто-школа: ТРАДИЦИЈА-ДОВЕРБА-КВАЛИТЕТ.
Поминаа 30 години, а нашиот ентузијазам никогаш не бил поголем. Авто-школата стана наш препознатлив симбол и начин на живот. Цврсто останавме посветени во сите овие три децении, водејќи се од принципите и темелите поставени уште на самиот почеток.
Поминавме низ многу турбулентен период, низ многу транзиции, проблеми и искушенија, но останавме доследни на принципите. Направивме од авто-школата препознатлив бренд, почитуван и ценет во цела Македонија.
Го проширивме и модернизиравме возниот парк. Располагаме со најсовремени возила, го направивме најубавиот и најсовремениот сопствен полигон. Горди сме и на нашите инструктори кои живеат за, и со Авто-школата „15 Јануари – Неготино‟.
Самиот факт дека Авто-школа „15 Јануари – Неготино‟ е најстарата приватна автошкола во Македонија, буди во нас посебни чувства на гордост, но и на одговорност.
Но, посебно и најмногу сме горди на повеќе од 7500 кандидати кои ниту во еден момент не престанаа да ни дават поддршка и да веруваат во нас во сите овие 30 години.
Тие се нашата сила и мотив! – вели Леон Ристов, еден од двајцата браќа, сопственици на авто –школата „15 Јануари – Неготино‟.
Мите Јаначков