Нова едукација на наставниот кадар во ОУРЦ „Маца Овчарова“ за работа со деца со оштетен слух и примена на знаковен јазик (Фото и Аудио)
Стручен кадар за работа со ученици со оштетен слух од пет држави меѓу кои и од нашата, поточно, од ОУРЦ „Маца Овчарова“, веќе го реализираат проектот „Моите раце се огледало на мојата култура“. Тие во вид на размена преку програмата Еразмус +, започнаа да реализираат мобилност и да разменуваат добри практики со цел да го подобрат процесот на работа со ученици кои учат во посебни основни училишта. Тоа го прават на начин што го употребуваат знаковниот јазик додека ги развиваат вештините за сликарство и за рачни изработки во слободното време на учениците. Проектот започна претходниот месец во градот Бурса во Република Турција каде учествуваат четири специјални рехабилитатори и едукатори од ОУРЦ „Маца Овчарова“ од Велес, вели Весна Басаров.
– Големо е искуството што ќе го добиеме од практична работа на колегите коишто се специјални едукатори и рехабилитатори и начинот на којшто тие работат во нивните училишта. Досега е направена само една мобилност во Република Турција, следната е овде кај нас во Макдонија. Ние ќе им го презентираме нашиот начин на работа бидејќи ние сме сега во една нова транзиција на преминување од посебно училиште во училиште со ресурсен центар. Тоа е еден нов момент на инклузивно образование коешто ќе им го претставиме на колегите од другите земји учеснички. Нашите едукатори и рехабилитатори од турците научија дека детето со попреченост од најрана возраст односно од градинка па се до средно образование, се школуваат во посебни училишта. Сега споредуваме искуства меѓу земјите учеснички во тој поглед, додаде Басаров.
Инспирација за рехабилитаторите и едукаторите претставуваат впечатоците од посетите на спомениците и културното наследство на земјите учеснички во проектот. Тие со помош на знаковниот јазик им ги пренесуваат на учениците со оштетен слух и со нив додека претстојуваат работат. Според Басарова по враќањето на едукаторите и рехабилитатори на ОУРЦ „Маца Овчарова“ од размената во Турција тие веќе постигнуваат првични резултати со тоа што особено работат со учениците кои се сместени во интернатскиот дел притоа не изземајќи ги ниту останатите 38 ученици кои посетуваат настава во ова училиште во Велес.
Стефани Манева