Од 25 мај масовна вакцинација и во Регионален вакцинален пункт во Велес
Во спортската сала на ССОУ „Коле Неделковски“ ќе биде отворен пунктот за масовна вакцација против ковид-19 во Велес. Првите граѓани ќе се вакцинираат во вторник на 25 мај.
Општината и Министерството за здравство планираат до 20 мај да ги завршат сите подготвителни активности за отворање на пунктот и негово опремување. На 21 и 22 мај, се планирани пробните вакцинирања.
– Владата уште еднаш покажа дека знае да го слушне гласот на народот и да ги уважи нашите барања и мислења. Поради тоа е донесена одлука и во Велес како најголем град и центар на Вардарскиот плански регион да се отвори пукт за вакцинирање. Во текот на вчерашнот ден ја имавме првата средба со преставник на Министерството за здравство кој е одговор за пунктовите за вакцинирање. Со него на лице место во спортската сала на училиштето „Коле Неделковски“, со директорот на Здравствен дом Велес и со директорката на ова средно стручно училиште ги договоривме сите детали, рече Градоначалникот на Велес Аце Коцевски.
Коцевски пред денешната прес конференција остварил средба со голем број претставници од бизис заедницата од Велес. Сите го поддржале градот во иницијативата да овозможи вакцинален пункт за своите граѓани.
-Навистина сум исклучително задоволен од односот на бизнис заедницата на нашата покана и на поканата на Министерството за здравтво, да се вклучат во поддршка за отварање на вакциналниот пункт во Велес. Едни со донирање на опрема и средства и други со финансиски средства. Велешани уште еднаш ја покажаа својата општествена одговорност и подготвеност да помогнат тогаш кога е најтешко, иако голем дел од нив како што потенцираше директорот на болнциата помагаа на јавните здравствени установи во борбата против ковид-19, додаде Коцевски.
Вакциналниот пункт за масовна имунизација во Велес ќе има 15 кабини каде што ќе се врши вакцинирање. Една ќе биде за медицинската екипа за Прва помош доколку на некој од вакцинираните му се влоши состојбата. На вакциналниот пункт волонтерски ќе се вклучат преставниците на Црвен Крст Велес.
Вакцинацијата ќе ја вршат специјализирани 30 медицински сестри и осум лекари на Здравствен дом Велес. Доколку продолжи трендот на намалување на бројот на заболени во велешка болница тогаш и Општа болница Велес ќе испрати дел од медицинскиот кадар на пунктот за масовна имунизација.
Коцевски најави дека општината ќе вложи максимални напори, во секој поглед, да го организира и поддржи вакциналниот пункт за тој да функционира на високо ниво. Според Градоначалникот вакцините благовремено ќе ги обезбеди Министесрвото за здравство. Во спортската сала на ССОУ „Коле Неделковски“ освен велешани ќе се вакцинираат и граѓаните на соседните општини. Станува збор за граѓани освен од Чашка, Градско и Лозово исто така и од Свети Николе.
Градоначалникот Коцевски упати повик за волонтерско учество на сите велешани кои сметаат дека можат да помогнат вакцинацијата да се реализира непречено. Ги повика и граѓаните кои можеби сеуште се колебаат, да се заштитат од „невидливиот убиец“ преку примање на вакцината.
Убавка Јаневска