Одбележана годишнината од смртта на Панко Брашнаров
Со положување на свежо цвеќе и поклон пред спомен бистата на македонскиот народен учител и борец за самостојна и независна Македонија, велешанецот Панко Брашнаров, денеска, градоначалникот на Општина Велес Марко Колев, делегации на локалните институции и членови на семејството на Брашнаров одбележаа 71 година од неговата смрт.
– Панко Брашнаров е човечки израз на македонската самобитност, непокор и желба за живот во самостојна и независна држава. Со оглед на неговото големо значење како великан на македонскиот народ, Општина Велес со поддршка од државата ќе продолжи со заложбите за идентификација и што поскоро враќање на неговите посмртни останки во родниот Велес, велат од Општина Велес.
Панко Брашнаров е роден во Велес во 1883 година. Учесник е во најзначајните историски моменти во битката на македонскиот народ за независност и слобода. Од Илинден, Балканските, Првата светска војна до историскиот АСНОМ. Избран е за народен пратеник и претседавач на Првото заседание на АСНОМ и член на АВНОЈ. По неколку години работа во штотуку организираната држава, како приврзаник на ставовите во Резолуцијата на Информбирото Брашнаров е приведен, прогласен за непријател на власта и испратен на злогласниот остров Голи Оток каде што починал на 13 јули 1951 година.