Одбележани 70 години од смртта на Панко Брашнаров
Членови на семејството, внуки и правнуци, градоначалникот Аце Коцевски и членови на Советот на Општина Велес како и бројни делегации на образовните и културни институции во Велес, денеска, положија цвеќе и се поклонија пред спомен бистата на македонскиот народен учител и борец за самостојна и независна Македонија, велешанецот Панко Брашнаров. Вака велешани ја чествуваа 70 годишнината од смртта на непоколебливиот македонец, чија што кауза за слобода на сопствениот народ е пример за патриотизам и борба како идеал што се плаќа и со сопствениот живот. Маркантната личност на македонската историја, личноста чија што животна патека не е само приказна за безпоштедната борба туку и живот којшто испишува неколку подглавја од македонската историја, рече на одбележувањето виш кустос, историчар и в.д. директор на Народен музеј Велес, Марин Клифов.
– И на тој начин чекорејќи по сопствениот живот низ една калдрмена патека со подеми и падови, борбата за слобода и независна Македонија е вечната парадигма на овој непрекорен борец кој уште во мугирте на својот живот бил постојано присутен низ Македонија. Почнувајќи од родниот Велес, продолжувајќи во Скопје и низ македонските села, до штипско Ново Село затоа што ја подразбира значајноста на просветителството. Знае дека идеата за слободен човек се кали во умот и мислата на детските глави. Низ целата своја епопеја помеѓу двете светски војни, прогонуван и измачуван, позиционирајќи се високо на скалилата на ВМРО, а особено Комунистичката партија на Југославија тој непоколебливо ја носи во себе и презентира, пред важните политички субјекти на Балканот но и во Европа, идеата за слобода и слободна и независна Македонија, идеа која ќе биде негова животна водилка и определба, додаде Клифов.
Во придружба на правнуците, внуките и внукот на Брашнаров, со особен интерес слушаа што денеска се говори за нивниот близок роднина и како неговиот роден град ја чествува неговата величина. Елена Панова, едната од внуците на Панко Брашнаров, на новинарите им соопшти дека семејството се уште нема информации дали државата ќе го исполни ветувањето за пренесување на посмртните останки на нивниот роднина во семејната гробница во Соборната Црква „Св. Пантелејмон“ во Велес. На новинарските прашања дали имаат информации по посетата на Претседателот Стево Пендаровски, на заедничката гробница во која е погребан и Панко Брашнаров, на гробиштата „Мирогој“ во Загреб, што понатаму ќе се случува Панова одговори:
-До сега немаме информации од Кабинетот на претседателот, што и да треба да се стори нашето семејство стои на располагање. Доколку е потребна ДНК, ние ќе се организираме. Потребно е институциите да го направат пренесувањето на посмртните останки, бидејќи ние како семејство не сме моќни тоа да го направиме. Гробноото место стои, направена е надгробна плоча на Панко Брашнар на нашите гробишта на Брашнарови, во црквата „Свети Пателејмон“, така што доколку посмртните останки бидат пренесени ќе се исполни нашата дамнешна желба, додаде Панова.
Панко Брашнаров е роден во Велес во 1883 година. Учесник е во најзначајните историски моменти во битката на македонскиот народ за независност и слобода. Од Илинден, Балканските, Првата светска војна до историскиот АСНОМ. Избран е за народен пратеник и претседавач на Првото заседание на АСНОМ и член на АВНОЈ. По неколку години работа во штотуку организираната држава, како приврзаник на ставовите во Резолуцијата на Информбирото Брашнаров е приведен, прогласен за непријател на власта и испратен на злогласниот остров Голи Оток каде што починал на 13 јули 1951 година.
Одбележувањето на седумдесет годишнината од трагичната смрт на народниот учител Панко Брашнаров заврши со музички колаж во изведба на дуото Малинови.
Стефани Манева