Одделение во Велес на Државен Архив одбележа 70 години од основање (видео и фото)
Свечено, со промоција на подготвена монографија „70 години Архив во Велес – Најзначајниот меморијален центар на културното наследство (1954 – 2024), пред голем број на гости и со културно уметничка програма, денеска, Одделението во Велес на Државен Архив на Република Северна Македонија свечено го одбележа големиот и значаен јубилеј.
Свеченоста којашто се одржа во Голема сала на Општина Велес започна со вокално солистички настап и изведба на општинската химна од страна на проф. Магдалена Тодоровска на ООМУ„Стефан Гајдов“ во Велес.
На свеченоста, во име на Општина Велес, која е еден од основачите на Градски Архив Велес, на присутните им се обрати заменик градоначалникот Коста Нојков.
Раководителката на Државен Архив – Одделение Велес, д-р Јасмина Дамјановска ги запозна присутните со работата на оваа многу значајна институција која влегува во осмата деценија на постоењето, за фундусот на материјали со кој што располага, најголем дел обработени и депонирани како и за напорната работа на тимот вработени кои се и најзаслужни за издавањето на монографијата „70 години Архив во Велес – Најзначајниот меморијален центар на културното наследство (1954 – 2024).
Дамјановска не ги заборави ниту пензионираните поранешни работеници, основачите како и сите заслужни за прием, селектирање, обработка и депонирање на севкупната архивска граѓа со која денеска градот Велес, како и велешката но и општините во Вардарскиот регион на државата, можат да се пофалат дека имаат минато, сегашност и секако иднина.
Директорката на Државен Архив, д-р Наташа Котлар, промовирајќи го монографското издание не штедеше зборови за работата на претходните и сегашни вработени во Одделението во Велес и констатацијата дека се најдобри во државата и даде за право да соопшти дека можат да се наречат Државен Архив Велес.
Професорот во Институт за национална историја д-р Ѓорѓи Малковски соопшти дека истражувачката работа во велешкото одделение на Архив на Македонија ги дала неговите најдобри работни резултати. Освен објавените три книги, за кои што користел фотографии, записи и други видови на архивските материјали, д-р Малковски, констатираше дека велешките семејства можат да се навратат на своите корени и изработат точни семејни стебла затоа што нивниот Архив ги има најточните и најверодостојните податоци. Истото се однесува и за делот од историскиот период на голготата на Македонските бегалци од Егејска Македонија кои останале да живеат во Велес.
Во свечената програма со која се одбележа значајниот јубилеј на велешки Архив настапија учениците од отсек за традициски инструменти на ООМУ„Стефан Гајдов“ и на ООУ„Св. Кирил и Методиј“ додека проф. Магдалена Тодоровска во пијано придружба на проф. Јованче Бачев изведе две народни велешки песни по кој градот е познат како дома така и во странство.
Раководителката д-р Дамјановска врачи благодарници на општините Велес и Чашка, на институции и поединци во знак на востановена добра соработка.
Убавка Јаневска