Општина Велес привршува со замената на уличното осветлување – остануваат уште околу 1.000 светилки

Во рамки на проектот за модернизација на уличното осветлување, Општина Велес досега заменила околу 3.700 светилки со нови паметни ЛЕД светилки, информира градоначалникот Марко Колев. Проектот е во завршна фаза, а до неговиот комплетен финиш остануваат уште околу 1.000 светилки да се заменат.
-Целосната замена на старите светилки со нови, економични и енергетски ефикасни ЛЕД светилки се очекува да заврши до 10 или 11 јуни. Во моментов работиме на потешко достапните зони со стрмни и тесни улици, каде што е отежнат пристапот на механизацијата, но екипите се снаоѓаат и таму со помали возила и скали, изјави Колев.
Новиот систем веќе е целосно поставен во сите села во општината, како и на главните и споредните улици во градот, вклучително и во дел од високите зони. Градоначалникот додаде дека замената привремено била забавена поради обилните врнежи, но увери дека динамиката повторно е фатена и дека општината ќе го запази планираниот рок.
-Секојдневно сме на терен и добиваме позитивни реакции од граѓаните. Видливоста во вечерните часови е значително подобрена, обезбедуваме квалитетно и униформно осветлување низ целиот град и населените места, нагласи Колев.
Проектот за паметно осветлување, се реализира во соработка со „Македонски Телеком“ и се очекува да донесе голема заштеда на електрична енергија, намалување на трошоците за одржување и позитивно влијание врз животната средина. Инсталираните ЛЕД светилки се од брендот „Schreder“ и се управуваат со напреден електронски систем, кој овозможува далечинска контрола преку софтверски платформи и мапи.
Дополнително, се поставуваат и 92 улични ормари со електронска опрема, кои ќе овозможат вработените од комуналното одделение на општината во секое време да имаат увид во потрошувачката на струја и состојбата на осветлувањето на терен.
Стефани Манева
