Општината постави два легнати полицајци и најави изградба на раскрсница за да се справи со „бесните возачи“ кај ООУ „Васил Главинов“
Бројни реакции на незадоволни граѓани деновиве беа споделени во медиумите по сообраќајната несреќа со смртни последици што на 17 декември, сабота, во 22:15 часот се случи на улицата „Борис Трајковски“ во Велес. Граѓаните реагираа на несовесните возачи кои непочитувајќи ја поставената хоризонтална и вертикална сообраќајна сигнализација постојано возат со поголема брзина од дозволената. Последица на несовесноста е трагедијата што пред три дена зема детски живот, повреди мајка и ја вознемири целата македонска јавност, констататираат велешани. Според нив мора да се преземат по ригорозни мерки кон возачи кои асфалтот го заменуваат со патека за натпревар на автомобили.
Дума.мк ја прашаше Општина Велес што ќе преземе да го направи по безбедно постоечкото сообраќајно решение на улицата „Борис Трајковски“, особено дали ќе постави легнати полицајци во делот што се граничи со отворениот парк пред ООУ „Васил Главинов“.
Според општината пред 10 дена било побарано од фирмата изведувач на градежни работи да го започне поставувањето на два лежечки полицајци коишто биле составен дел на актуелниот сообраќаен проект за регулирање на сообраќајот на двете улици кадешто се наоѓаат влезовите на ова основно училиште. Поточно, пред горниот влез на училишниот објект, на улицата „Никола Карев“ како и на долниот влез, на улицата „Христо Татарчев“.
Освен ваквиот начин на регулација на сообраќајот, што треба да ги оневозможи несовесните возачи да возат со поголема брзина од пропишаната 30 км/час, на улицата „Борис Трајковски“ предвидена била изградба на крстосница. Општината смета дека крстосницата ќе има поголем ефект од лежечки полицаец со оглед на тоа дека како сообраќајно решение ќе овозможи пред училиштето да функционира зона на смирен сообраќај. Засега изградбата на крстосницата е планирана да се реализира по изработка на градежен проект во 2023 година, соопштија од Општина Велес.
Убавка Јаневска