Општината продолжува со поддршка на здруженија од сектор за производство на вино и ракија во Кавадарци

Поддршката на Општина Кавадарци за здруженија од сектор за производство на вино и ракија и годинава ќе изнесува околу еден милион и 300 илјади денари. Како и досега финансиските средства се издвојуваат годишно, од општинскиот буџет на Кавадарци, за развој на лозаровинарството и винскиот туризам.
Градоначалникот Митко Јанчев на средба со претставници на граѓанскиот сектор додаде дека програмски предвидена активност ќе продолжи и во иднина.
-Работиме на проект за дигитализација, автоматизација и еколошко производство во овој сектор, со нула отпад. Се работи за проект од околу 130 илјади евра. Малите семејни произведувачи ќе добијат кодови, купувачите ќе можат да ги скенираат тие кодови и да го проследат целокупниот начин на производство. Од отпадот што ќе останува од производството, како што се лушпи, семки од грозје и слично, ќе се произведуваат козметика и слични препарати, рече Јанчев.
Убавка Јаневска
