Основен суд Велес бил не ажурен, на нов оглас ќе се избира претседателот
Судски совет денеска ги усвои извештаите за работата на судовите за второто тримесечие за 2023 година според кои Основен суд Велес е во групата на неажурни судови во државата. На седницата беше повторно донесена одлука да се повтори огласот за избор на негов претседател. Причина е што единствениот пријавен кандидат, на претходниот, немал доставено уредна документација.
Според Судски совет поголемиот број на основни судови низ државава се неажурни.
Ажурни биле Врховниот суд, Основниот кривичен суд Скопје, основните судови во Гевгелија, Кавадарци, Кратово, Гостивар, Дебар и Кичево, а неажурни биле Апелацискиот суд Скопје, Основниот граѓански суд Скопје, основните судови во Велес, Крива Паланка, Куманово, Неготино и Тетово, како и Апелацискиот суд во Гостивар.
Во апелациското подрачје Штип, во вториот квартал, ажурни биле основните судови во Виница, Струмица и Штип, а неажурни основните судови во Делчево, Кочани, Радовиш и Свети Николе. Вишиот Управен суд и Управниот суд, исто така, биле неажурни.
Во апелационото подрачје Битола, сите судови биле неажурни, освен основните судови во Охрид и Ресен.
На денешната 461 седница беше усвоен и извештајот за работата на Основниот суд Кочани, како и извештајот за оценување на судии од Управниот суд.
Судскиот совет денеска ја избра судијката Снежана Манев за претседателка на Основниот суд во Куманово. Со девет гласа „за“ и еден „против“, Манев беше избрана затоа што била единствен кандидат и ги исполнувала сите услови наведени во огласот.
Дума.мк