Кандидатот за пратеник на СДСМ Панче Иванов: Изјавата на Заев извадена од контекст и платена со парите на граѓаните
Конечно очекуваме граѓаните да се охрабрат и да дојдат да го слушнат Планот за Македонија кој нуди достоинствен живот за сите во државата. Вака Панче Иванов, кандидатот за пратеник на СДСМ во Велес ги повика велешани в недела да излезат и директно од лидерот на партијата, Зоран Заев, носителот на листата од третата изборна единица Љупчо Николовски и лично од него, да слушнат какви проекти нуди социјалдемократскиот сојуз, кои, како што вели, биле направени според потребите на граѓаните.
На новинарско прашање зошто токму тој е избран да ги застапува интересите на велешани во парламентот, Иванов рече дека токму долгогодишното искусто на професионален план и како советник во општината, му ја донеле оваа позиција.
– Досега се што сум ветил во рамки на моите можности се сум исполнил. Не сум ветувал тоа што не можам да го исполнам. Јас ќе се борам за интересите на градот како што сум се борал секогаш на позициите каде што сум бил. Затоа очекувам граѓаните масовно да дојдат и да слушнат што имаме да им кажеме. Од претходните разговори со нив можам да кажам дека нивните реакции се позитивни, рече Иванов.
На новинарско прашање што мисли за двојазичноста за која претходно зборувал лидерот на СДСМ Зоран Заев, Иванов одговори дека таа е извадена од контекст и дека не станувало збор за никаква двојазичност онака како што била пренесувана од одредени медиуми и тоа скапо платена од парите на сите граѓани.
Митингот на Социјалдемократскиот сојуз ќе се одржи во недела пред Гимназијата Кочо Рацин во 19 часот./ Д.С