Илија Димовски од Велес најави пакет мерки за вработување и самовработување на млади луѓе
Вработување на млади луѓе во наредните четири години е фокусот на ВМРО ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија. Кандидатот за пратеник во третата изборна единица, Илија Димовски, промовираше неколку мерки за вработување и самовработување на млади луѓе. Една од мерките е кредит во виосина од седум илјади евра за сите млади луѓе до 29 години кои ќе најдат начин за самовработување. Кредитот ќе им биде доделен со грејс период од 18 месеци, а рокот на отплата ќе биде 60 месеци.
Оние кои ќе го добијат ќе враќаат само еден процент камата. За секое дополнително работно место што ќе се отвори му следуваат уште четири илјади евра, кредит од државата. Димовски најави дека сите фирми во државата кои во иднина ќе создаваат работни места за млади луѓе, за секое работно место ќе добиваат по четири илјади евра кредит, со грејс период од една година, рок на отплата две години и каматна стапка од еден процент.
– Третата работа која што сакаме да ја истакнеме е проектот „Парт тиме“ кој што се однесува исклучиво за студенти . Тоа значи дека секоја фирма што ќе вработи студент ќе биде ослободена од плаќање персонален данок и од придонеси за здравствено и пензиско осигурување. Четвртата работа која што сакам да ја истакнам е проектот за вработување на стоте најдобри студенти , секоја година стоте најдобри студенти ќе добиваат вработување во државните институции . Петта работа е младите луѓе посебно од руралните средини кои ќе се решат да инвестираат во земјоделска дејност ќе добиваат грант од државата во висина од 10 илјади евра неповратни средства а исто така сите оние бенефиции кои што ќе ги добиваат од државата по програмите за рурален развој ќе бидат за 10 посто поголеми од тоа што ги добиваат повозрасните лица, рече Димовски.
Од Велес Димовски порача дека и во иднина ќе продолжат со интензивна изградба на фитнес зони, тениски и баскетни игралишта, спортски сали, затворени базени и читални за младите, а ќе продолжат и со проектот „Купи куќа за млади“./Д.С