Ѓорѓи Коџабашиев: Топилничарската згура ќе се дислоцира во текот на 2017 година
Најжешката еколошка точка во Велес наскоро ќе стане минато. Ќе се дислоцира топилничарската згура откако концесионерот ќе ја комплетира рударската документација за регулирање на дозволата за експоатација. Транспортот на згурата, ремедицијацијата, санацијата и рекултивацијата на земјиштето се планира во текот на 2017 година. Ова денеска го најави кандидатот за пратеник на ВМРО ДПМНЕ Ѓорѓи Коџабашиев говорејќи за еколошките проекти на партијата предвидени во изборната програма.
Тој рече дека биле запазени сите еколошки стандарди токму затоа подолго време траел процесот за отпочнување на отстранување и транспортирање на згурата и ремедијација на почвата. Како дел од програмата Коџабашиев го најави проектот „Субвенции за греење со пелети“, за кој рече дека ќе обезбедат субвенции до 70 проценти од трошоците на домаќинствата за замена на старите печки со дрва и јаглен со печки на пелети.
– Со оваа субвенција, на пример при набавка на печка од 6 киловати која може да затопли површина од 60 метри квадратни и чини 40 илјади денари, државата ќе покрие 28 илјади денари од трошоците, а корисникот само 12 илјади денари. Субвенции ќе обезбедиме и за инсталирање на централни системи за загревање со пелети во поголемите станбени објекти и други поголеми потрошувачи (градинки, училишта, здравствени домови, јавни претпријатија). Исто така, предвидуваме намалување и на ДДВ од 18 на 5 проценти како за печките, така и за самите пелети во период од 10 години, со што ќе се намалат крајните цени на овој потрошен материјал, рече Коџабашиев.
Во насока на заштита на животната средина Коџабашиев ги најави и проектите „Ваучери за плински уреди“ со кој се предвидува да се доделуваат ваучери од 300 евра за набавка на плински уред за автомобили со ЕУРО 0, 1, 2 и 3 стандард, како и проектите за субвенции за набавка на електрични автомобили и субвенции за инсталирање на топловодни сончеви системи во домаќинствата./Д.С