Полицијата трага по малолетничка којашто исчезнала од згрижувачко семејство и расветлува два физички напади
Велешанец на 57 годишна возраст, згрижувач на малолетни деца, вчера попладне, во 15:30 часот пријавил дека женско малолетно лице згрижено во неговото семејство излегло три часа претходно од нивниот дом и не се вратило. Велешанецот пријавител дал изјава дека претпоставува дека малолетничката отишла во село во Струмица. Секторот за внатрешни работи Велес соопшти дека се преземаат мерки за пронаоѓање на малолетното девојче.
Еден час подоцна, полициски службеници на СВР Велес го лишиле од слобода С.К.(39) од Велес, по пријава според која во двор на семејна куќа физички го нападнал со тврд предмет две години постариот брат. Полицијата го привела напаѓачот во станица и за настанот известила Јавен обвинител.
-По целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава, соопшти портпаролката Биљана Ѓаковска.
Во текот на вчерашното попладне, поточно во 17:00 часот, во Полициско одделение Чашка, Б.З.(43) од село Горно Врановци во општина Чашка пријавил дека во селото, неговото малолетно дете било каснато од бездомно куче.
Секторот за внатрешни работи Велес информира и за физички напад од неколку лица над 50 годишен Велешанец што се случил вчера вечер во 21.00 часот на улица „Благој Ѓорев“. И за овој настан полицијата известила Јавен обвинител и според Ѓаковска презема мерки за расчистување на случајот.
Убавка Јаневска