Попречен страничен влез во „Синдикална зграда“ со стар мебел, опрема но и од угинати чавки

Објавено на 13 јули, 2023 во 15:55

Корисници на простории во „Синдикална зграда“ во Велес испратија мејлови до Дума.мк во кои напишаа дека неможеле да стигнат до просториите коишто општина Велес им ги додели за работа од оставени парчиња на стар мебел, фотељи, бироа како и од угинати чавки. Тие се пожалија дека освен бариерата од предмети коишто се наоѓаат на приземјето од скалите за качување до просториите на трите ката во зградата се шири неподнослива миризба на угинати птици. На една од испратените фотографии се гледа угината чавка.

Дума.мк се увери во тврдењата на нашите сограѓани. Две канцелариски простории, на приземјето од „Синдикална зграда“, од страничен влез, се целосно блокирани заедно со влезот во подрумите на овој објект под надлежност на општината. Освен смрдеа на угинати птици во влезот, поточно по скалите, исто така се шири миризба на нечистотија, мем и влага.

Дума.мк испрати прашања до општина Велес во кој побара одговори кој и кога ќе го расчисти нередот на самиот влез во „Синдикална зграда“ и што ќе се превземе за смрдеата во овој објект. Од општина Велес одговорија:

„Во врска со првото прашање кога ќе се расчисти нередот од техничка опрема и канцелариски мебел на влезот во „Синдикална зграда“ и кој го оставил затоа што им смета на корисниците на просторот, Ве известувам дека техничката опрема и канцелариски мебел се оставени од претходниот закупец Општинската организација на СДСМ Велес, со кои е стапено во контакт и сме известени дека истите деновиве односно до крајот на наредната недела ќе бидат отстранети од местото, имајќи ги во предвид дневните високи температури. Што се однесува до второто прашање што ќе превземе општината за отстранување на угинатите птици и кога, во наредниве денови ќе се направи координација за понатамошно постапување,“ пишува општината во одговорите.

„Синдикалната зграда“ се наоѓа на атрактивна локација во центар на Велес. Објектот е во надлежност на општина Велес којашто околу десеттина години воведе добра пракса на распределување, без надомест, на просториите во трикатниот објект на граѓанските организации. Еден кат од зградата го користи Сојузот на синдикати на Македонија со кого општината водеше судски спор за докажување на сопственоста над овој објект. Од пред петнаесеттина дена корисник на најголем дел од приземјето на „Синдикална зграда“ е и Делегација на Европска Унија. ЕУ во предниот дел на приземјето,со влез директно од улица „8 Септември“ во Велес засега ја отвори просторно најголемата и според зборовите на евроамбасадорот Гир најубавата „Европска куќа“.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.